Грипот пристигна во Европа, во Македонија до сега 188 болни и двајца починати

Од почетокот на сезоната, регистрирани се вкупно 188 случаи на грип, што е 77% повеќе од истиот период минатата година. Најмногу заболени има во Гостивар (79 случаи), а највисока инциденца е во Македонски Брод. Во досегашниот тек на сезоната пријавени се и две починати лица поврзани со грип.

Здравствените власти во Европа се подготвуваат за нова сезона на грип, која според експертите би можела да биде потешка од вообичаеното. Причини за загриженост се ниските стапки на вакцинација и зголемениот број случаи во други делови на светот, како Јапонија и Австралија.

Податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести покажуваат дека бројот на заболени постепено расте, што е типично за овој период од годината.

Експертите нагласуваат дека тежината на сезоната зависи од повеќе фактори – видот на вирусот, ранливите групи во населението и временските услови. Долга и студена зима може дополнително да го олесни ширењето на вирусот. Минатата година грипот се прошири подолго и посилно од очекуваното, а сличен тренд би можел да се повтори и оваа година, предупредуваат научниците.

Во земјава од 13 до 19 октомври се пријавени 83 случаи на заболувања слични на грип, што е зголемување од 5% во однос на претходната недела. Иако бројките растат, инциденцата (4,5 заболени на 100.000 жители) останува под прагот на сезонска активност, што значи дека сè уште не сме влегле во сезоната на грип.

Најмногу заболени има во Гостивар (30 случаи), потоа Тетово (12), Куманово (11), Прилеп и Македонски Брод (по 9), Струмица (7), Неготино (3) и Радовиш (2). Поголемиот дел се лица од 15 до 64 години (75%), што е очекувано, бидејќи оваа возрасна група е најактивна во општеството.

Во лабораторијата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се тестирани 35 примероци за грип, ковид-19 и RSV, но не е откриен ниту еден позитивен случај на грип, додека едно лице е позитивно на коронавирусот (SARS-CoV-2).

Од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се вкупно 188 случаи на грип, што е 77% повеќе од истиот период минатата година и 36% повеќе од просекот на последните 14 сезони. Најмногу заболени има во Гостивар (79 случаи), а највисока инциденца е во Македонски Брод. Во досегашниот тек на сезоната пријавени се и две починати лица поврзани со грип.

Во вирусолошката лабораторија се обработени 89 примероци од почетокот на сезоната, но сè уште нема потврден случај на грип, додека два примероци биле позитивни на ковид-19.

Според ИЈЗ, грипот сè уште е на меѓусезонско ниво, типично за овој период од годината, но со очекување бројките да растат со доаѓањето на зимата.

За заштита, граѓаните се советуваат да ги почитуваат основните мерки: избегнување на гужви и контакт со болни лица, често миење на рацете, редовно проветрување и загревање на просториите, топло облекување и консумирање на храна богата со витамини, особено витамин Ц, доволно сон и физичка активност за јакнење на имунитетот.

Доколку се појават симптоми како температура, кашлица и болки во телото, се препорачува одмор дома, повеќе течности и избегнување контакт со други лица, а во случаи на потешки симптоми – итно да се побара лекарска помош, особено кај постари и хронично болни лица.

Од ИЈЗ препорачуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најсигурниот начин на заштита. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација за сите, особено за ризичните групи: лица над 65 години, деца од 6 месеци до 5 години, хронично болни, бремени жени и здравствени работници.

За сезоната 2025/2026, Министерството за здравство обезбеди 80.000 бесплатни вакцини, кои се даваат преку Центрите за јавно здравје и www.vakcinacija.mk. До средината на октомври вакцинирани се 13.273 лица од ризичните категории, а достапни се и 2.400 комерцијални вакцини за останатото население.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни