Во периодот од 16 до 22 февруари во земјава се регистрирани 1.113 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува намалување од 3,2 проценти во однос на претходната недела, покажува најновиот извештај на Институт за јавно здравје.
Иако трендот покажува благо опаѓање, грипот и натаму е широко распространет, особено кај најмалите. Највисока инциденца е регистрирана кај децата до четиригодишна возраст. Во оваа возрасна група се евидентирани 164 случаи, додека 185 заболени се на возраст од пет до 14 години. Најголем апсолутен број случаи, односно 621, се регистрирани кај лицата од 15 до 64 години, а 143 заболени се постари од 65 години.
Најмногу случаи повторно се пријавени во Скопје – 669. Следуваат Струмица со 81 и Прилеп со 61 случај. Во Тетово се регистрирани 50 заболени, а во Гевгелија и Охрид по 37. Во повеќе други градови бројот на случаи е под 30, додека во дел од општините во овој период не се пријавени нови случаи.
Од почетокот на сезоната 2025/2026 досега се регистрирани вкупно 14.984 случаи на грип и заболувања слични на грип. Заклучно со осмата недела, во земјава се вакцинирани 79.118 лица, со бесплатна или комерцијална вакцина.
Иако бројките покажуваат стабилизација, здравствените власти апелираат на внимателност, особено кај ризичните групи и најмладата популација, каде што вирусот и понатаму има најсилно влијание.