Грев е да се фрлаат батерии заедно со кисел купус

Во некоја од предходните колумни реков дека модерниот човек е работникот што ќе стане истовремено и големопоседник и роб. Ве меѓувреме ветровите на дигиталното доба ме однесоа на разни страни на светот но, ми остана таа мисла недокажана. Се прашувам секако дали тој ја поседува популарната култура затоа што доаѓа од неговото секојдневие и е манифест на неговата волја да преживее во неволја и документ на неговите впечатоци во време и простор, или таа го поседува него затоа што му е наменета нему? Чија е всушност поп-културата? На оние што ја конзумираат и практикуваат или на оние што ја создаваат, или пак им припаѓа на оние  што ја пуштаат во оптек?  Кому му припаѓа нејзиниот отпад и нејзините немонетаризирани лузери? Или пак им припаѓа на оние што би рекле при здрава свест и разум дека таа ги еманципирала, и интегрирала (Јас сум исто една од нив!). Има ли во сево ова и еманципација и точка за едноставен пресек на полниот стомак и ум? Сево ова и сѐ одеднаш е сеприсутно и неоптеретено од својата вистинитост или нејзина намера. Популарната култура е особено важна и фасцинантна затоа што станува простор во којшто високата култура се отвара за остатокот од светот и стапува во дијалог со него правејќи ја на тој начин  жива.

Колку и да му се радуваме на дваесет и првиот век, документираното човечко минато е огромен товар кој мора да се разбере во својата компплексност како гориво а, не како сизифов камен, веројатно пострашен и од смртта во кралско семејство и смртта на музичкиот идол,  и би била пригодна прилика и ептен  модерно од  страна на  “човекот од новото доба“ , да му погледне на тој р’ѓосан абис директно во очи за да осознае дека тој ниту има очи, ниту пак рогови, ниту пак е дупка на чие дно чучи целата вистина на куп и ја пее Soldier of Fortune, туку дека е нешто како ризница –  распослана по карпестите удолници на човечките достигнувања, промашувања и ќори сокаци, што воделе до масовни гробници и циклуси на акумулирање на моќ и експлоатација, но и еманципација и лудило музика, филмови, литература, наука… Човече! Поп културата се живее.

Не можете да платите некому да изоди десетина километри за вас, за од тоа да профитира вашето физичко и ментално здравје a, и углед. А, и не може некој друг да отспие, за вам да ви се види  здравиот сон на лице.  Или некој за вас да испие пар џин – тоници, за вие да го почувствувате вајбот на пијачката без интервенција на вашето физиолошко тело.

Не можете ни да тврдите дека сте пред времето и другите, само затоа што имате попаметен часовник и пребрз интернет, слушате електронска музика, читате дебела книга, се фурате на здрав живот – и не се дрогирате без рецепт, ама тоа со педерите и лезбејките ви побудува нелагодни чувства на туѓост и порадо не би се уверувале самите дали навистина извира љубов и од нехетеросексуалните очи. Не е морално да знам сѐ. Особено не од каде извира.

Истото важи и за локањето и сркањето од безбројните кладенци во кои клокотат информациите и случајните добивки, и зад коишто демнат крадците на краткотрајното внимание и шверцерите на вистината и поимите, со огромна кутлача во етерот пред вашиот нос (леле, црпалка беше или како?).

На толку многу акумулирано сѐ и сѐ нешто а, и знаење, од современиот човек (сѐвремениот сѐпоседник), се очекува подготвеност, од своите врвни достигнувања и спиритуални височини во секое време на нужност да се симне надолу по истиот пат без да плати некому да го носи на ушка по удолница.  Се чини дека во “новото доба“, скокнавме со падобран додека истовремено постои и опцијата  полека  и со истрајност и елеганција на кашмир коза да се симнуваме надолу  со отворени очи и со свои стапала; за да не испадне  дека само ни се сонила карлицата на часовникот што раѓа нови времиња и нѐ прегазило невидливо копито.

Цртеж: Концепт

Понекоја модринка од разнишувањето и разобличувањето на субјективното толкување на поп-културата која мора и да се живее (да се изоди,  истанцува), не е на одмет – за да можеме да кажеме дека не сме слегле “лудо збуњени“ во центарот на маничното обистинување со жичарница, ниту пак сме слетале на покривот на некој новоникнат облакодер после моменталното успокојување со кратка, скандалозна и просветлувачка содржина што се нуди насекаде, како превозно средство во новата ера на стара или туѓа слава.

Човекот треба повеќе да оди пешки и да јаде помалку бел леб – не го кажав ова јас, го имам прочитано “миљарда пати“ на интернет и не е дека не се согласувам донекаде. Околината на “човекот на новата ера“ не смее да остане второстепена  во  однос на неговата досегашноцивилизациска големина и светоглед, и тој не може да изигрува  дека е од новото доба  а, да нема појма  каде  се наоѓа денес, како се нашол тука, и зошто – а, би било тоа убав чин на самообид да се види и биде истовремено. А?! 

И фрлањето ѓубре насекаде е поп/култура затоа што е секојдневна практика и затоа што во ѓубрето има и пилешки копан и старо цеде со микс за на плажа и стар вокмен (Walkman), со стари батерии внатре, хоридашимоно(good buy). И човекот што буричка по контејнери е крајно сомнителен од гледна точка на нашата благосостојба. Грев е да се фрлаат батерии заедно со кисел купус. И гревот е поп-култура. А, богами и долгот.

Исто така, сакав и да кажам дека не ме интересира вистината – ме влече гравитација, удоле има еден куп храна (а, богами и јаглерод спремен да стане диоксиден), за цели милениуми за навистина гладниот современ човек што е подготвен да го ревидира своето сеќавање и своите достигнувања и со тоа да биде присутен во свое време и простор, ама со време и без ефект на стаклена градина (ѕвоно, де!).

Ќе си речете времето е брзо за лека – полека а, и светов забрзува. А, и времето е пари! А, и пари нема! А, и бензинот не е за џабе. А, и стаклени флаши тежат, земи пластично, што ќе се мачиш да м’кнеш толку тешко. Шо толку мрзите пластика одеднаш?! Па не баш, планетата земја е далеку побрза во споредба со брзините што може да ги достигне   човекот со свои стапала а, има и пуно истрпено на свои плеќи, но планетава иако се движи со различни брзини околу себе или околу сонцето, тие се константни. Таа не забрзува но, забрзано се загрева. Луѓето живеат и размислуваат брзоплето!

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни