„Ова не е приказна за нас, активистите“, рече Грета на аеродромот, опкружена од новинари. „Ова е приказна за цела една нација што Израел се обидува да ја избрише – пред очите на светот.“
Акцијата во која учествуваше – флотилата „Global Sumund“ – беше, според неа, „најголемиот обид досега“ да се пробие израелската блокада на Газа по морски пат. Тие се обиделе да го направат она што „нивните влади не сакале или не успеале да го сторат“: да испорачаат хуманитарна помош.
„Нашите влади говорат за човекови права, а не можат да обезбедат ни најосновна безбедност за една ваква мисија. И тоа е срамота“, додаде таа.
Најавувајќи дека доживеала „лош третман“ и „злоупотреба“ за време на задржувањето, таа сепак одби да го стави фокусот на себе.
„Можам да зборувам долго за тоа низ што минавме во израелски притвор – но тоа не е главната приказна. Главната приказна е што Израел, додека го засилува својот геноцид, повторно го прекрши меѓународното право со тоа што спречи хуманитарна помош да стигне до Газа – каде луѓето умираат од глад“, рече Тунберг со тивка, но одлучна интонација.
„Ние не сме хероите.“
Грета беше јасна: нејзината група не сака да биде прогласена за херои. „Она што го правиме ние не е хероизам – тоа е минимум. Го слушаме гласот од Газа и одговараме. Тоа е наша човечка должност“, додаде таа.
Тунберг смета дека флотилата претставуваше чин на отпор против насилниот статус кво – систем кој, според неа, овозможува „секојдневно извршување на воени злосторства“.
Во нејзиниот говор не останаа недопрени ни владите, медиумите и корпорациите:
„Овој и другите геноциди се поддржани и овозможени од нашите влади, институции, медиумски системи и корпорации. Сите ние сме соучесници ако молчиме“, рече таа.
Грета заврши со повик:
„Потребно е итно прекинување на опсадата, прекинување на окупацијата и укинување на угнетувањето. Сега, веднаш. Секој од нас мора да го искористи својот глас и својата платформа за да застане против неправдата. Ова не може да се оправда – ни со што.“
Извор: N1info.rs