Грета Тунберг најави нова флотила со хуманитарна помош за Појасот Газа

Десетици бродови ќе се обидат да ја разбијат блокадата.

Шведската активистка Грета Тунберг најави дека кон крајот на август ќе исплови најголемата до сега флотила со хуманитарна помош која ќе тргне од неколку пристаништа во Медитеранот со цел да ја „прекине нелегалната израелска блокада“ на Појасот Газа, пренесува агенцијата AFP.

„Тргнуваме на 31 август на најголемиот обид досега за разбивање на нелегалната израелска блокада на Газа, со десетици бродови што ќе тргнат од Шпанија“, напиша 22-годишната активистка на својот Instagram профил.

Тунберг најави дека овие бродови на 4 септември ќе се сретнат со „уште неколку десетици“ други бродови кои ќе тргнат од Тунис и други пристаништа, а истовремено ќе се одржат протести во повеќе од 44 земји.

Иницијативата, наречена „Global Sumud Flotilla“ — од арапскиот збор за истрајност и отпор — ќе ги вклучи хуманитарците, лекарите и уметниците меѓу кои и американската актерка Сузан Сарандон, шведскиот актер Густаф Скрасгард и ирскиот актер Лијам Кенинем.

Ова ќе биде втор обид на младата шведска активистка да стигне до Газа. Првиот обид беше запрен 185 километри западно од Газа во ноќта меѓу 8 и 9 јуни кога израелската војска го заплени jedриличарскиот брод „Madlen“ и уапси 12 активисти од Франција, Германија, Бразил, Турција, Шпанија и Холандија.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни