Грета Торнтон, ирска режисерка и волонтерка на Giffoni Македонија – Енергијата на Скопје е вистинска инспирација

Грета Торнтон е млада филмска авторка од Ирска, која по втор пат е дел од фестивалот Giffoni Македонија во Скопје. Нејзиниот краток филм Bittersweet се прикажува на фестивалот, а покрај тоа, годинава Грета е и волонтерка, активно вклучена во организацијата и различните активности на фестивалот. Првпат се запозна со фестивалот во октомври 2022 година и, како што вели, тоа искуство ја натера повторно да се врати. Грета ја истакнува важноста на културната размена, креативната слобода и можностите за учење кои Giffoni ги нуди, додека за Македонија и Скопје најмногу ја фасцинира енергијата на градот и гостопримливоста на луѓето.

Трн: Што те мотивираше да се вратиш на Giffoni во Скопје по твоето прво искуство во 2022 година?

Грета: Атмосферата и енергијата овде на Giffoni во Скопје, заедно со културната размена, ме натераа повторно да се вратам. Минатиот пат, во октомври 2022 година, имав прекрасен престој, запознав луѓе од различни култури, научив нови филмски и комуникациски вештини, и навистина уживав. Често зборувам за ова искуство кога сум назад во Ирска, па кога ми се пружи можноста повторно да дојдам, без двоумење ја искористив.

Трн: Какво е твоето искуство како волонтерка и учесничка на фестивалот?

Грета: Ова е дефинитивно практично искуство, што го обожавам! Секогаш сум зафатена со различни волонтерски задачи, а воедно уживам во интеракцијата со учесниците. Имав и среќа мојот краток филм Bittersweet да биде прикажан тука, заедно со панел-дискусија. Како учесничка и волонтерка, ова ми го прошири видикот за тоа како ефикасно да комуницирам со публика, но и како да седнам и да слушам други дискусии за филмовите.

Трн: Можеш ли да ни раскажеш малку повеќе за создавањето на твојот краток филм Bittersweet?

Грета: Bittersweet имаше среќа да добие финансирање преку Fresh International Film Festival, поддржан од Screen Ireland, The Arts Council и RTÉ Jr. Темата која ја добивме беше „Дом“, но мојата инспирација потекнува од еден стар есеј што го напишав во средно училиште за значењето на родендените. Тимот со кој работев беше составен од мои колеги од ATU Galway Film & Documentary, што беше извонредно, бидејќи со нив соработувавме низ целото колеџ-искуство. На снимањето имав план за различните кадри, но оставив и простор за импровизација со осветлувањето и аглите, што ми ја ослободи креативноста.

Трн: Дали имаш планови за некој нов проект поврзан со Скопје или Македонија?

Грета: Би сакала да направам документарен филм за културната размена во врска со филмот во Скопје. Филмскиот сектор овде е сè уште мал и расте, но би било фасцинантно да интервјуирам режисери, студенти на филмски факултети и да ги слушнам нивните мислења за развојот на филмската индустрија во Скопје, како и нивните ставови за младите филмски автори во Европа.

Трн: Што научи од учеството на работилниците на Giffoni?

Грета: Научив дека е многу важно да бидеш отворен за компромис во идеите и да работиш како тим, а не како поединец. Исто така, стекнав храброст да го споделам моето мислење за филмовите, дури и кога е различно од мислењето на другите, што значително ми ја подобри самодовербата и знаењето за филмските техники и пишувањето на сценарио.

Трн: Што те очекува следно во твојата филмска кариера?

Грета: Во моментов сум во последната година од моето образование за филм и документаристика, па до крајот на оваа година ќе го работам мојот индивидуален документарец, а следната година ќе работам на групен документарец со мојот тим. Проектите сè уште се во развој, но со нетрпение очекувам да ги реализираме.

Трн: Што би им порачала на младите кои сакаат да се занимаваат со филмска уметност?

Грета: Соберете ги пријателите и направете нешто заедно – користете го телефонот или она што го имате на располагање. Мислам дека многу млади луѓе имаат впечаток дека им треба скапа камера, но не е така кога започнувате. Исто така, би ги охрабрила да аплицираат на секоја можност која ќе им се укаже, дури и кога не мислат дека ќе успеат, затоа што никогаш не знаете што може да се случи ако не пробате!

Трн: Што ти остави најголем впечаток на Giffoni?

Грета: Бидете отворени за различни перспективи, без разлика дали тоа се жанрови на филмови или луѓе, затоа што тука има микс на таленти и вештини. Колку повеќе сте вклучени во работилниците, панел-дискусиите и мастер класовите, толку повеќе ќе ги подобрите вашите комуникациски вештини и вашиот личен порив за филм.

Фотоградии: Надица Манева Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни