Филмот „Грешници“ со 16 номинации влезе во историјата на Оскарите

Новото остварување на Рајан Куглер го собори рекордот стар 86 години и стана најноминираниот филм во историјата на Оскарите, оставајќи зад себе класики како „Сè за Ева“, „Титаник“ и „La La Land“.
Warner Bros / Pictures via AP

Филмот Грешници официјално се запиша во историјата на Оскарите како остварување со најмногу номинации досега. Со вкупно 16 номинации за наградите на Американската филмска академија за 2026 година, филмот го надмина рекордот поставен пред цели 86 години од класиката Сè за Ева, која имаше 14 номинации.

Со ова, „Грешници“ ги остави зад себе и подоцнежните изедначувачи на рекордот – Титаник и La La Land, како и низа други филмски гиганти со по 13 номинации, меѓу кои Однесени со виорот, Форест Гамп и Опенхајмер.

Режиран од Рајан Куглер, „Грешници“ е жанровски хибрид што ги спојува елементите на вампирски хорор и гангстерска драма, но истовремено отвора и подлабоки теми за расата, идентитетот и асимилацијата. Токму таа комбинација, според критичарите, е една од причините за исклучителниот одѕив кај Академијата.

Филмот е номиниран за најдобар филм и најдобра режија, а Мајкл Б. Џордан доби номинација за најдобар актер за двојната улога на близнаците Смоук и Стак. Меѓу актерските номинации се и Делрој Линдо за најдобра споредна машка улога и Вунми Мосаку за најдобра споредна женска улога.

Покрај тоа, „Грешници“ е во трката и во речиси сите технички категории – од оригинално сценарио, кастинг, фотографија и монтажа, до сценографија, костими, шминка и фризура, звук и визуелни ефекти. Филмот доби и номинации за оригинална музика, потпишана од Лудвиг Горансон, како и за оригинална песна.

Со ваков број номинации, филмот сега атакува и на уште еден историски рекорд – бројот на освоени Оскари. Засега, тој рекорд го држат Бен-Хур, „Титаник“ и Господарот на прстените: Повратокот на кралот, со по 11 освоени награди.

Дали „Грешници“ ќе успее да ги надмине и тие бројки ќе стане јасно на доделувањето на Оскарите, закажано за 15 март 2026 година во Долби театарот во Лос Анџелес, со враќање на Конан О’Брајен како водител на церемонијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни