Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека е неопходно засилување на безбедносниот надзор и военото присуство во арктичкиот регион поради, како што рече, сè поагресивното однесување на Русија. Тој истакна дека постојат „црвени линии“ кои не смеат да бидат преминати во разговорите со Соединетите Американски Држави.
Нилсен заедно со данската премиерка Мете Фредериксен престојуваше во Париз, каде што се одржа средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Целта на посетата беше зајакнување на европската поддршка, по неодамнешните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да ја преземе контролата врз овој арктички остров, кој со векови е дел од Кралството Данска.
Се очекува во наредниот период да се одржат разговори меѓу Гренланд, Данска и САД за надминување на настанатата криза. Нилсен изрази надеж дека ќе се постигне договор, но нагласи дека автономијата и безбедносните интереси на Гренланд имаат јасни граници.
„Под притисок сме – под сериозен притисок. Се обидуваме да се спротивставиме и да се справиме со стравот кај нашите луѓе“, рече Нилсен на јавна трибина со Фредериксен на Универзитетот „Сајенс По“, додавајќи дека начинот на кој Русија дејствува во регионот бара повисоко ниво на надзор и заштита.
Изјавите за можната американска контрола врз Гренланд предизвикаа тензии во трансатлантските односи и ги засилија европските напори за намалување на зависноста од САД. Иако Трамп минатата недела ги повлече заканите со нови царини и ја исклучи можноста за преземање на Гренланд со сила, дипломатската несигурност останува.
Фредериксен оцени дека кризата покажала оти поголем дел од Европа успеала да се обедини во спротивставувањето на ваквите притисоци. Таа предупреди дека глобалниот поредок е трајно променет и дека Европа мора да стане посилна, но истовремено повика на зачувување на трансатлантското единство.
„Ако ѝ дозволиме на Русија да победи во Украина, таа ќе продолжи понатаму. Најдобриот пат за САД и Европа е да останат заедно“, изјави Фредериксен.
Во последните недели, дипломатскиот раздор меѓу Данска и САД, двете основачки членки на НАТО, се сметаше за потенцијален ризик за иднината на Алијансата, иако конфликтот засега се префрли на дипломатско ниво.
Речиси половина од копнената површина на Арктикот се наоѓа под руска територија. Од 2005 година, Русија повторно отвори и модернизираше десетици воени бази од советската ера, како на арктичкото копно, така и на островите долж северниот брег. Москва, пак, ги отфрли тврдењата за наводни закани кон Гренланд, оценувајќи ги како мит што служи за поттикнување хистерија.
