Зголемените американски изјави и размислувања за можноста за припојување на Гренланд предизвикаа сериозна загриженост меѓу сојузниците во НАТО и остра реакција од европските лидери, кои предупредуваат дека меѓународното право не смее да биде заменето со „правото на посилниот“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марко Руте, за значењето на безбедноста на Арктикот за сите сојузници на Алијансата, соопшти Стејт департментот. Разговорот доаѓа во чувствителен момент, откако Белата куќа соопшти дека САД разгледуваат „низа опции“ во однос на Гренланд, вклучувајќи и сценарија кои подразбираат употреба на воена сила.
Изјавите предизвикаа вознемиреност кај повеќе членки на НАТО, особено поради фактот што Гренланд е автономна територија во рамки на Кралството Данска. Американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати изјави дека САД „го сакаат Гренланд“ од причини поврзани со националната безбедност и стратешката важност на Арктикот.
На ваквите пораки остро реагираше германскиот вицеканцелар и лидер на социјалдемократите Ларс Клингбајл, кој повика на европско единство и јасна одбрана на меѓународниот правен поредок.
„Меѓународното право важи. Не може да важи правото на посилниот. Данска ја има нашата целосна солидарност и тоа ќе им го кажеме јасно на САД, на секое место“, изјави Клингбајл на состанок на пратеничката група на СПД во Бундестагот.
Тој предупреди дека трансатлантските односи, кои традиционално биле столб на европската безбедносна политика, се наоѓаат во фаза на сериозно нарушување. „Се соочуваме со драматични промени. Од ова може да произлезе само еден заклучок – Европа мора да се грижи за сопствената сувереност“, нагласи Клингбајл.
Германскиот вицеканцелар следната недела патува во Вашингтон на итен состанок на министрите за финансии на Г7, каде што, според најавите, прашањето за Гренланд ќе биде разгледано и во поширок геополитички контекст.
Прашањето за Арктикот и Гренланд, кој има клучна геостратешка позиција, сè повеќе се наметнува како нова линија на тензии меѓу САД и Европа, отворајќи дилеми за иднината на сојузништвата, безбедноста и почитувањето на меѓународното право.
