Гренланд ја отфрла контролата врз своите минерални ресурси

Владата во Нуук порача дека суверенитетот и одлуките за природното богатство на островот не се предмет на преговори со САД или која било друга сила.

Гренландската министерка за рударство Нааја Натаниелсен ги отфрли обидите на Соединети Американски Држави да имаат улога во одлучувањето за управувањето со минералните ресурси на островот, нагласувајќи дека ниту една надворешна сила нема право да ја одредува судбината на природното богатство на Гренланд.

Реакцијата следува откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, постигнал „рамка за иден договор“ поврзан со Гренланд, објави POLITICO.

„Сè е на маса, освен нашиот суверенитет“, изјави Натаниелсен, нагласувајќи дека Гренланд нема да прифати иднината на својот рударски сектор да се решава надвор од островот.

Во текот на неделата, Трамп се закани со воведување високи царини за земјите од Европската Унија доколку не му го „предадат“ Гренланд на Вашингтон – закана од која подоцна се повлече, тврдејќи дека е постигнат договорен оквир. Сепак, од Нуук порачуваат дека каков било аранжман што подразбира странска контрола врз минералите е неприфатлив.

Гренланд располага со значителни резерви на ретки земни елементи (доволни за околу една четвртина од светската побарувачка) како и со нафта, гас, злато и метали клучни за транзицијата кон чиста енергија, иако поголемиот дел од тие ресурси сè уште не се експлоатирани.

Иако не ги исклучува разговорите, Натаниелсен потенцира дека тие можат да се водат само во мултилатерален формат. Таа потсети и на можноста за надградба на договорот за рударска соработка меѓу Гренланд и САД од 2019 година, но подвлече дека „минералите не можат да се разменуваат за суверенитет“.

Во меѓувреме, Европска Унија работи на зајакнување на сопствениот синџир за снабдување со критични суровини, а со Гренланд во 2023 година потпиша стратешко партнерство за минерали. Сепак, според гренландската министерка, актуелните случувања покажуваат дека САД во моментов се „сојузник, но не нужно пријател“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни