Анкетата спроведена во рамки на емисијата Внимание на прв поглед изгледа како уште една улична шега на сметка на глобалната политика. Прашањето дали Доналд Трамп треба да го „купи“ Гренланд предизвикува смеа, досетки и иронија. Но зад хуморот се отвораат низа далеку посериозни дилеми, но не толку за Гренланд колку што за нас.
Одговорите на граѓаните, иако изговорени со шега, јасно ја допираат суштината на современата геополитика: ресурсите, интересот, моќта и редот. Некој веднаш го спомнува нафтениот интерес, друг се потсмева со идејата за Белата куќа „во игло“, трет реагира со јасен отпор кон самата помисла дека држава може да се купи. Но, во сите тие реакции се чита свест дека Гренланд е тема не затоа што е далечен и студен, туку затоа што има нешто што големите сили го сметаат за вредно.
Геополитика е игра за оние што имаат што да понудат
Гренланд е дел од глобалната геополитичка мапа бидејќи располага со ретки минерали, стратешка позиција и идни ресурси кои стануваат сè поважни во услови на климатски промени и технолошка транзиција. Тој е предмет на интерес, преговори и калкулации.
Македонија, пак, воопшто не се појавува во геополитичките разговори. Не затоа што некој ја „заборавил“, туку затоа што реално не е фактор во глобалната распределба на моќ. Македонија не е тема во големите геополитички дебати, не затоа што некој ја одбил, туку затоа што никој ни не ја ставил на маса.
Дури и кога се отвораат иницијативи за мир, безбедност или стратешки дијалог, нашето отсуство е тивко, но симптоматично. Прашањето дали би имале можност да кренеме рака и да кажеме валидно мислење станува речиси хипотетичко, затоа што често не сме ни во просторијата.
Од смеа до автоиронија: што навистина кажуваат граѓаните
Кога анкетата го пренасочува прашањето од Гренланд кон Македонија: дали е подобро некој да нè „купи“ или да си тераме по наше, тонот на одговорите нагло се менува. Смеата станува потешка, иронијата поцрна.
Некои одговори звучат како целосна резигнација: што и да направиме, веќе сме згрешиле. Други во купувањето гледаат метафора за ред, функционалност и дисциплина што дома ја немаме. А има и такви што јасно повлекуваат линија – има нешта што не се за купување и продавање, и државата е едно од нив.
Овие реакции не се контрадикторни. Тие се одраз на длабока колективна збунетост: дали сме жртви на лоша геополитичка позиција или на сопствени, долгорочни погрешни избори.
Македонија не е некуплива – туку веќе евтино продадена
Идејата дека некој надворешен актер би сакал да ја „купи“ Македонија е речиси нереална. Но парадоксот е што државата одамна се распродава, но не на глобалната сцена – туку одвнатре. Единствените реални „купувачи“ се домашните олигархиски структури, клиентелистички мрежи и политички елити што со години ја третираат државата како приватен ресурс.
Затоа дилемата од анкетата не е навистина за Трамп, ниту за Гренланд. Таа е за нас. За тоа дали се гледаме како општество што може да понуди нешто вредно: визија, стабилност, институции или пак се гледаме како како простор што чека некој друг да му воведе ред.
Прашањето што останува
Гренланд е тема затоа што светот препознава вредност во него. Македонија е тивка затоа што со години не успева да изгради таква вредност – ниту економска, ниту политичка, ниту институционална.
Затоа клучното прашање не е дали е подобро некој да ја купи Македонија или да си тераме по наше. Клучното прашање е: дали сакаме држава што ќе биде субјект во сопствената приказна или сме подготвени да останеме објект, без разлика кој формално „не купува“.
Сè додека тоа не го расчистиме, ќе продолжиме да се смееме на туѓите геополитички апсурди и да бегаме од сопствената одговорност.
