Гренланд како „стратешки скапоцен камен“: Што има таму што ѝ е потребно на Америка

„Мексико треба да се среди и да се обедини околу борбата против дрогата, а Гренланд ни е потребен“, порача американскиот претседател Доналд Трамп по апсењето на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро. Кога пред една година Трамп зборуваше за купување на Гренланд, светот делумно се смееше, делумно негодуваше. Една година подоцна, никој веќе не се смее – особено ако се земе предвид значењето што го има Гренланд, а за кое се свесни и Кина и Русија.

Трамп објасни дека САД мора да го имаат Гренланд поради сопствената национална безбедност. CNN пишува дека американскиот претседател е целосно во право кога вели дека замрзнатиот остров, автономна територија под управа на Данска, е стратешки важен – и дека неговото значење постојано расте.

Гренланд отсекогаш бил клучен одбранбен бедем во средишниот Атлантик. За време на Втората светска војна постоел т.н. „гренландски воздушен јаз“ – простор надвор од дометот на сојузничките авиони, што германските подморници го користеле за напади врз сојузничките трговски бродови.

Во секоја голема војна, оној што го контролира Гренланд би имал контрола и врз атлантските поморски патишта. Соединетите Американски Држави одамна се свесни за тоа, а американските воени бази на островот веќе играат значајна улога во системите за рано предупредување и детекција на ракети.

Осум децении по Втората светска војна, Гренланд повторно е во фокусот. Топењето на мразот, од кое климатолозите стравуваат, отвори нови поморски патишта „на покривот на светот“, а Кина и Русија – исто како и Трамп – целосно го разбираат стратешкото значење на оваа промена, наведува CNN.

САД имаат договор со Данска што предвидува присуство на американски воени бази на Гренланд сè додека двете земји се членки на НАТО. Во моментов на островот се стационирани околу 150 американски војници, што е значително намалување во однос на околу 6.000 колку што имало за време на Студената војна.

Договорот ѝ дава на американската војска голема слобода, вклучувајќи изградба на пристаништа, сидришта, станбени објекти и друга инфраструктура.

Трка по ретки минерали

Покрај военото значење, Гренланд е важен и поради своите нафтени и гасни резерви во крајбрежните области, кои сè уште не се експлоатирани.

Од особено значење се и наоѓалиштата на ретки минерали, неопходни за современи технологии и вооружување. Нивната експлоатација ќе биде сè полесна како што мразот се топи, а тундрата станува подостапна.

Сè појасно е дека Трамп во Венецуела бил првенствено заинтересиран за нафтата, а доколку се покаже дека Гренланд му е потребен поради ретките земни метали, и Данска и Гренланд веќе изразија подготвеност за партнерска соработка.

CNN, сепак, истакнува дека Трамп засега не покажува знаци дека е подготвен да дели нешто со другите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни