Гренланд и Бундесверот: Зошто Арктикот станува сè поважен за Германија

Гренланд, најголемиот остров во светот, во последните недели повторно е во центарот на геополитичките дебати, откако американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати ја изнесе идејата дека САД треба да ја преземат контролата врз оваа арктичка територија.

По речиси четири години од целосната руска инвазија врз Украина, вниманието на Европа и НАТО е цврсто насочено кон источниот фронт. Сепак, сè почесто се поставува прашањето дали Арктикот би можел да стане следната клучна зона за одбрана и дали германската армија, Бундесверот, има капацитет да преземе поголема улога во тој регион.

Гренланд, најголемиот остров во светот, во последните недели повторно е во центарот на геополитичките дебати, откако американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати ја изнесе идејата дека САД треба да ја преземат контролата врз оваа арктичка територија.

На Светскиот економски форум во Давос, Трамп настапи со помирлив тон кон НАТО-сојузниците, нагласувајќи дека иако смета дека Гренланд треба да ѝ припадне на Америка, тоа нема да го постигне со сила. Тој ја оправдува својата позиција со аргументи за национална безбедност, тврдејќи дека Русија или Кина би можеле да се обидат да стекнат влијание врз островот, а дека НАТО и Данска не успеале доволно да ја гарантираат неговата безбедност. Според него, само САД имаат капацитет целосно да го заштитат Гренланд.

Како одговор на ваквите изјави, Данска и неколку НАТО-партнери минатиот викенд испратија извидувачка мисија на Гренланд, во која учествуваа и 15 припадници на германските вооружени сили. Мисијата беше прекината порано од планираното поради лоши временски услови. Според експертот за безбедносна политика Хенрик Шилинг од Институтот за безбедносна политика при Универзитетот во Кил, ваквите операции не се изненадување и треба јасно да се разликуваат мировните мисии од ангажманите во воени услови, бидејќи барањата и ризиците се суштински различни.

Шилинг објаснува дека Арктикот станува сè поважен поради стратешкиот морски и воздушен коридор меѓу Гренланд, Исланд и Обединетото Кралство, познат како ГИУК-појас, кој претставува критична точка за движењето на руските воени бродови и подморници меѓу Северниот Атлантик и Арктикот. Дополнително, Гренланд може да послужи како алтернативна база за воздушни операции доколку дојде до ескалација во Атлантикот.

Пошироко гледано, Арктикот добива на значење и поради конкурентските територијални претензии, особено од страна на Русија, како и поради зголеменото кинеско присуство. Клучниот двигател на овие промени е топењето на мразот, кое отвора нови поморски трговски рути и го прави регионот поатрактивен за економски и воени активности. Иако засега нема конкретни докази дека Русија или Кина се обидуваат директно да преземат контрола врз Гренланд, темата останува високо на безбедносната агенда на Западот.

Германската морнарица, според официјални изјави, ги насочува своите капацитети кон националната и колективната одбрана на северното крило на НАТО, што ги опфаќа Северниот Атлантик, арктичките води, Северното и Балтичкото Море. Иако Бундесверот располага со знаење и опрема за операции во екстремни климатски услови, Шилинг укажува на сериозен структурен проблем, а тоа е недостигот од персонал. По почетокот на руската агресија врз Украина, приоритетите на германската армија се променија, од мировни и стабилизациски мисии кон класична национална и сојузничка одбрана.

Според Шилинг, Германија во принцип би можела да одржува постојано присуство на Арктикот, но само ако тоа се реализира во рамките на НАТО и во тесна координација со партнерските земји. Иако германските воени бродови ги исполнуваат националните стандарди, тие не се ледоломци и имаат ограничени можности за самостојно дејствување во услови на силно заледување, што би морало да се надмине преку соработка со сојузници кои веќе располагаат со такви капацитети.

Во суштина, дилемата со Арктикот наликува на онаа со испораките на оружје за Украина, каде ресурсите се ограничени, а приоритетите мора внимателно да се балансираат. Како што нагласуваат безбедносните експерти, оружјето може да се произведе повторно, но обновувањето на човечкиот капацитет бара многу повеќе време. Затоа, долгорочно и координирано присуство во Арктикот се гледа како единствениот одржлив начин НАТО да ја покаже својата подготвеност и способност да одговори на новите безбедносни предизвици на далечниот север.

Иzвор Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни