Гренланд и данокот на богатство ја одбележуваат изборната трката во Данска

Гренланд и данокот на богатство се меѓу главните теми на изборите во Данска, каде анкетите најавуваат тесна политичка трка.

Данска денес гласа на парламентарни избори во атмосфера во која домашната економија, данокот на богатство и односот кон Гренланд се меѓу клучните теми на кампањата. Анкетите ѝ даваат тесна предност на премиерката Мете Фредериксен и нејзиниот центар-лев блок, делумно зајакнат и од нејзиниот тврд став против притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп за преземање контрола врз Гренланд.

Иако десничарските партии засега заостануваат, конечниот расплет може да зависи од центристичката партија Умерени или дури од мал број пратеници од Гренланд и Фарските Острови. Тоа дополнително ја нагласува тежината на изборите, бидејќи исходот нема да покаже само кој ќе владее во Копенхаген, туку и како полуавтономните територии ќе се позиционираат во однос на идниот политички курс на кралството.

Мете Фредериксен, која е на власт од 2019 година, бара трет последователен мандат, што би можело да ја направи најдолговечна данска премиерка од Втората светска војна наваму. Но нејзината актуелна широка владина коалиција речиси сигурно го губи мнозинството, а анкетите упатуваат на враќање кон појасна поделба меѓу левица и десница. Reuters оценува дека изборите ќе покажат дали гласачите ќе ја наградат за отпорот кон американскиот притисок околу Гренланд или ќе ја казнат поради поради занемарување на домашните проблеми.

Најголемата тема за гласачите, според анкетата на TV2 од 12 и 13 март, е економијата. Веднаш зад неа се животната средина, надворешната и безбедносната политика, здравството и миграцијата. Но најжестоката расправа во кампањата се водеше околу предлогот на Фредериксен за воведување данок на богатство за 20.000 најбогати луѓе во Данска, земја со околу 6 милиони жители. Предлогот предвидува стапка од 0,5 проценти за богатство над 25 милиони дански круни, а средствата би оделе за подобри училишта и делумно даночно олеснување.

Токму овој предлог ја отвори и пошироката дебата за еднаквоста, распределбата на богатството и идниот социјален модел на Данска. Беше забележано дека темата може да ѝ помогне на Фредериксен да се профилира како лидерка на нов посилно лево наклонет сојуз. Во исто време, кај еколошките прашања се појавија јасни поделби околу употребата на пестициди и ѓубрива во данското земјоделство и нивното влијание врз чистата вода. Дел од партиите бараат национална забрана за прскање во чувствителни зони со вода за пиење, додека други се залагаат за постепена транзиција.

Изборниот систем во Данска дополнително му дава тежина на гласот од Гренланд и Фарските Острови. Вкупно се избираат 179 пратеници во Фолкетингот: 175 од Данска, 2 од Гренланд и 2 од Фарските Острови. Мандатите се распределуваат пропорционално, а праг за влез во парламентот е 2 проценти од гласовите. Токму затоа, во тесна изборна трка, неколку пратеници од периферијата на кралството можат да станат клучни за составувањето влада.

Гласањето завршува во 20 часот по локално време, по што се очекуваат излезни анкети и првични резултати. Ако исходот биде тесен, конечната распределба на местата може да биде позната подоцна во текот на неделата, кога ќе бидат преброени сите гласови. Потоа следува т.н. „кралски круг“, процедура во која секоја партија му кажува на кралот Фредерик кого поддржува за формирање влада. Во Данска чести се и малцински влади, што значи дека победникот не мора нужно да има апсолутно мнозинство за да стане премиер

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни