Франкофонијата е повеќе од јазик, таа е глобална заедница што обединува стотици милиони луѓе преку францускиот јазик, но и преку заеднички вредности како културна разноликост, дијалог и меѓусебно разбирање. Тoa e претставува простор каде јазикот станува мост меѓу култури, идеи и општества. Франкофонијата поттикнува дијалог, разбирање и поврзување меѓу народите. Во современиот свет, таа сè повеќе се истакнува како мрежа што ги спојува културите и ги промовира заедничките демократски и хуманистички вредности.
Во земјава, Франкофонијата претставува важен мост за културна и образовна соработка и отвора можности за младите во образованието и културната размена, истовремено зајакнувајќи ги меѓународните врски на државата.
Грегоар Гислер, директор на Францускиот институт во Скопје и советник за култура и соработка во Француската амбасада, нагласувајли ја важноста на Франкофонијата како меѓународна организација која обединува околу 320 милиони говорници ширум светот, вели дека суштината не е само во јазикот, туку и во прифаќањето на различноста, повеќејазичноста и културната разновидност како вредности што ја зајакнуваат заедницата, а не ја делат.
„Франкофонијата е припадност кон заедница на вредности каде различноста и културната разновидност се сила, а не пречка“, вели Гислер.

Во рамки на март, месецот на Франкофонијата, Францускиот институт во Скопје најавува богата културна програма, која ќе се реализира во Скопје, Битола и Тетово, во соработка со земјите-членки на Франкофонијата и македонските институции.
Програмата започна со танц перформанс, а ќе продолжи со филмски проекции, училишни активности, саеми, натпревари во читање, како и настани посветени на младите. Особен акцент ќе биде ставен на младата публика, со цел приближување на франкофонската култура преку современи и иновативни културни форми.
Меѓу најавените настани се Неделата на франкофонскиот филм од 30 март до 6 април во Кинотеката на Северна Македонија, како и саеми и натпревари во читање во Кисела Вода. Од Францускиот институт најавуваат и активности во Битола, каде ќе се одбележат 25 години од Француската алијанса и 30 години од конзуларното присуство, како и продолжување на програмата низ други градови во земјата.
-Нашата цел е да ја доближиме франкофонската култура до младите во Северна Македонија преку современи, иновативни и достапни културни содржини, вели Гислер.

На глобално ниво, Франкофонијата останува активна и преку нови иницијативи, меѓу кои и француски филмски фестивал наесен, како и дебати за општествени прашања со учество на француски, македонски и европски експерти.
Институтот во Скопје, како што беше истакнато, има повеќекратна улога, како јазичен центар, културна платформа и медијатека, но и како поддршка за македонските студенти кои сакаат да студираат во Франција преку програмата Кампус Франс.
Посебен фокус се става на младите генерации и развој на современи културни практики кои ќе ја доближат франкофонската култура до поширока публика во Северна Македонија.