Грците со протести бараат ослободување на плажите од скапите лежалки

Фото: REUTERS/Ronit Nesher

На популарниот грчки остров Парос, протестот на жителите кои бараат простор и слободен пристап до неговите песочни плажи доведе до растечко национално движење против се почестите скапи лежалки што ги издаваат приватни компании.

Протестите, наречени од медиумите „Движење пешкир“, брзо се проширија од Парос до блискиот остров Наксос, но и до другите плажи низ Грција.

„Локалните жители уживаат во мирот овде, така што не сакаме плажата да биде зафатена од бизниси кои се грижат само за парите, а не за природата и атмосферата“, рече Ронит Нешер, 53-годишен жител на Парос.

„Не сакаме плажата да биде окупирана од чадори и огромни, знаете, навистина огромни кревети кои немаат никаква врска со едноставноста на островот“.

Во Грција секое лето својот одмор го поминуваат милиони туристи, а плажите низ земјата се јавни. Сепак, сè поголем број бизниси добија лиценци за изнајмување лежалки и чадори кои ги поставија покрај дел од плажата.

Фото: REUTERS/Ronit Nesher

Демонстрантите велат дека цените за две лежалки и еден чадор често може да надминат 100 евра за еден ден, а во многу случаи бизнисите се прошируваат многу подалеку од договорената површина на плажата, оставајќи малку простор за оние кои сакаат бесплатно да положат пешкир и да се сончаат.

„Доаѓаме овде мирно… само сакаме да ве известиме дека се обидуваме да го вратиме нашето право на слободен пристап до нашите плажи“, рече еден од демонстрантите преку разглас додека шеташе низ лежалките на плажата Марчело во Парос.

Обвинител веќе отворил и истрага за случајот со лежалките на Парос.

Во Наксос, повеќе од 5.000 луѓе се приклучија на групата на Фејсбук „Спасете ги плажите на Наксос сега!“, која исто така поднесе правна жалба.

Фото: REUTERS/Stringer

„Плажите беа толку полни со овој мебел… што многу луѓе кои не сакаа да седат на лежалка или на столче, немаа повеќе простор за седење“, рече Елени Андријанопулу (47), една од организаторите на групата.

Грција има крајбрежје долго 16.000 километри и стотици плажи каде компаниите изнајмуваат лежалки. Земјата излезе од должничката криза пред пет години и во голема мера се потпира на туризмот за економско закрепнување.

Извор: Reuters

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни