Со 159 гласа „за“ и 134 „против“, грчкиот Парламент попладнево го изгласа амандманот за заштита на споменикот на Незнајниот војник во центарот на Атина што предвидува забрана за одржување јавни собири, окупирање и промена на изгледот на конкретниот простор.
Амандманот го поддржаа сите 156 пратеници од владејачката Нова демократија и тројца од независните пратеници.
Споменикот на Незнајниот војник е пред Парламентот, го чуваат „Евзоните“, односно војниците од претседателската гарда, а е посветен на сите грчки војници чиј идентитет не е утврден, кои животот го дале во битките за својата татковина.
Конкретниот простор, освен што е една од главните туристички локации во Атина, доста често е местото каде што се одржуваат протести, но и инциденти за време на демонстрации, а е и просторот каде што се испишани имињата на загинатите во железничката несреќа кај Темпи и каде што таткото на еден од жртвите штрајкуваше со глад.
Со амандманот потпишан од министрите за финансии, одбрана, внатрешни работи, култура, за заштита на граѓаните, за животна средина и енергетика и за правда, предвидена е затворска казна до една година или парична казна доколку се прекрши забраната за „користење или окупирање на површината за која било друга цел освен посета на Споменикот, каква било промена на изгледот и одржување на какво било јавно собирање“.
На гласањето му претходеше дискусија во текот на денешниот и вчерашниот ден, амандманот предизвика реакции и несогласувања од сите опозициски партии, а дел од нив доставија и приговор за противуставност, што беше одбиен.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за радиото „Скај“, утрово посочи дека „правото на протест може да коегзистира со заштитата на едно свето место“.
Со оглед на тоа што со амандманот одговорноста за мерките за одржување, грижа и промоција на споменикот ги презема Министерството за национална одбрана, надлежниот министер Никос Дендиас, кој не беше присутен на дводневната расправа во Парламентот преку писмена изјава вчера нагласи дека станува збор за „простор на единство и заедништво“ и „не треба да се користи како средство за изразување политички аспирации“.
„По трагедијата кај Темпи, просторот пред Споменикот се поврза со универзалното барање на општеството за правда. Па и самиот премиер, со своето присуство на местото, ја покажа во пракса својата почит кон жртвите. Споменикот на Незнајниот војник ги обединува Грците сега и засекогаш. Министерството за национална одбрана и вооружените сили нема да го третираат како предмет на водење политика и поделба на општеството“, рече Дендиас во писмената изјава.