Европа внимателно го следи потегот на Грција, која се подготвува да стане предводник на построга европска политика за заштита на децата на интернет, со најави за ефективна забрана на користење социјални мрежи за деца, најверојатно за сите помлади од 15 години.
Владата на премиерот Киријакос Мицотакис во наредниот период официјално ќе ја соопшти одлуката, а според грчките медиуми, ова не е само политичка најава, туку веќе подготвен систем што може реално да се спроведе. Грција е првата европска држава која изградила техничка инфраструктура за ваков тип забрана.
Клучната алатка е таканаречениот „детски паричник“ (kids wallet) – апликација развиена од Министерството за дигитална управа, која веќе е достапна за граѓаните. Таа ќе служи како единствен официјален механизам за проверка на возраста, со што се решава најголемиот проблем со кој досега се соочуваа другите држави: како сигурно да се утврди дали корисникот е дете или возрасен.
Во моментов се разгледуваат неколку модели. Едниот предвидува целосна забрана за деца под 15 или дури 16 години, додека другиот е хибриден – ограничена употреба за возраст од 12 до 15 години, но исклучиво со родителска согласност и надзор. Технолошките компании и сопствениците на платформите веќе се информирани дека ќе мора да го интегрираат системот за верификација, во спротивно ќе се соочат со високи казни или блокирање на услугите.
Европа ја заострува дигиталната заштита на децата
Грчката иницијатива е дел од поширок европски и глобален тренд на отпор кон неконтролираното влијание на алгоритмите врз менталното здравје на младите. Австралија веќе усвои закон со кој се забранува користење социјални мрежи за деца под 16 години, принудувајќи ги платформите да затворат милиони профили модел што стана инспирација и за Европа.
Франција воведе концепт на „дигитално полнолетство“ на 15 години, со построга проверка и задолжителна родителска согласност. Шпанија подготвува закон со кој би се подигнала старосната граница за самостојно отворање профили од 14 на 16 години.
Норвешка оди чекор понатаму и на политичко ниво: премиерот Јонас Гар Сторе најави зголемување на старосната граница на 15 години, со јасна порака дека државата ќе им помогне на родителите полесно да кажат „не“ на дигиталните притисоци.
Италија, според неофицијални информации, внимателно го анализира грчкиот модел и подготвува слични ограничувања. Заедничката порака на сите овие иницијативи е иста: социјалните мрежи, со механизмите на зависност и изложеноста на сајбер-насилство, претставуваат сериозен ризик за децата и младите.
