Грција оваа зима ќе испорачува американски гас на Украина

Грција и Украина потпишаа договор за снабдување со американски течен природен гас оваа зима, во контекст на руските напади врз украинската енергетска инфраструктура.

Грција оваа зима ќе испорачува американски течен природен гас на Украина, поради тоа што украинската гасна инфраструктура е цел на руските воздушни напади, соопштија денеска лидерите на двете земји во Атина.

Грчката државна гасна компанија DEPA и украинскиот Нафтогас потпишаа декларација за намери за снабдување со природен гас на украинскиот пазар за зимскиот период, од декември 2025 до март 2026 година. Потпишувањето се одржа во присуство на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, украинскиот претседател Володимир Зеленски и новата американска амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл.

„Оваа соработка претставува клучен чекор во зајакнување на регионалната енергетска соработка и европската енергетска безбедност“, соопштија компаниите.

Мицотакис истакна дека односите меѓу двете земји добиваат нова димензија: „нова, безбедна енергетска артерија која се протега од југ кон север, од Грција до Украина“. Тој додаде дека тоа се постигнува преку воспоставување на „вертикален“ енергетски коридор и инфраструктурата на пристаништето Александруполис на североистокот на земјата.

Украинскиот претседател Зеленски изрази благодарност кон американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека Украина ќе може да добива природен гас не само од Грција, туку и преку Грција. Тој го оцени договорот како „исклучително важен“ дел од поширокиот енергетски пакет за оваа зима.

Зеленски потенцираше дека претстојната зима претставува „огромен предизвик за украинскиот народ“, речиси четири години од почетокот на руската инвазија. „Руските напади скоро секоја ноќ ја таргетираат нашата инфраструктура, особено енергетската. Голем дел од украинските електрани, гасни и термоелектрани се цели“, изјави тој.

Мицотакис оцени дека договорот е „одлучувачки чекор кон конечна енергетска независност од рускиот гас“. Посетата на Зеленски е неговата прва на Грција од 2023 година и следува по најавите за големи енергетски проекти во земјата со поддршка од САД. Грчките власти планираат тесна соработка со американските компании за зголемување на протокот на американски течен природен гас до грчките терминали.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни