Грција инвестира 2,5 милијарди евра за справување со недостигот на вода

Земјата е 19-та во светот по ризик од воден дефицит. Владата планира проекти за зајакнување на снабдувањето и долгорочна заштита на Атика.

Грција е 19-та во светот по опасност од недостиг на вода. Нашата земја, како и другите медитерански земји, е меѓу оние за кои се предвидува дека ќе се соочат со особени проблеми поврзани со водата во иднина, посочи министерот за животна средина и енергетика на Грција Ставрос Папаставру, кој воедно презентираше инвестициски проект во висина од 2,5 милијарди евра за зајакнување на снабдувањето и управувањето со водите.

На настан организиран по повод 100-годишнината од Компанија за водоснабдување и канализација на областа Атика (ЕИДАП), централната тема беше опасноста од недостиг на вода, како на регионот на Атика, околината на Атина, така и на целата земја, на што се осврна и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

„Атика се соочува со можен многу голем проблем со водоснабдувањето, доколку не преземеме неопходни и драстични мерки. Ќе речете, може следната година ќе биде добра. Може да паѓа снег. Може да врне дожд. Акумулациите може одново да се наполнат од природниот циклус на хидролошки податоци. Надежта не е стратегија. Ова може нема да се случи, а ние мора да бидеме подготвени во секое време за најлошото сценарио“, истакна Мицотакис.

Според она што го соопштија и надлежниот министер и грчкиот премиер за Атина, планирано е две реки делумно да се пренасочат кон резервоарот Евинос и транспорт на над 200 милиони кубни метри вода, проект што се проценува да заврши во првата половина на 2029 година и да ја заштити областа Атика за следните 30 години.

Паралелно, како што нагласи Папаставру, ЕИДАП спроведува и краткорочни акции со цел непосредна заштита на водоснабдувањето на Атика, но се планирани и проекти на среден рок, меѓу кои и копнена десалинизација со капацитет од 87,5 милиони кубни метри годишно.

Грчкиот премиер, во неговиот говор, меѓу другото индиректно ги демантираше шпекулациите што повремено се актуализираат во Грција за приватизација на водата и нагласи дека ЕИДАП „е 51 отсто во сопственост на грчката држава и ова нема да се промени“. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни