Грција започнува кампања за борба против зависноста од интернет меѓу младите

Премиерот Мицотакис изјави дека Владата ќе воведе стратегија за информирање на родителите и децата за оваа тема, а компаниите кои управуваат со социјалните мрежи ќе бидат поттикнати да се однесуваат одговорно

Грција започнува кампања за заштита на младите од зависноста од интернет, слично како што тоа го започна Австралија во ноември.

Премиерот Мицотакис изјави дека Владата ќе воведе стратегија за информирање на родителите и децата за оваа тема, а компаниите кои управуваат со социјалните мрежи ќе бидат поттикнати да се однесуваат одговорно.

„Веќе заработивте многу пари, не треба да заработувате од нашите деца и тинејџери, кога добро знаеме дека тоа што го правите е опасно за нивното ментално здравје… тоа мора да престане!“, изјави Мицотакис во Атина при претставувањето на кампањата.

„Потребна е реакција и сакам Грција да игра водечка улога“, додаде тој.

Премиерот претходно изјави дека прекумерната употреба на социјалните мрежи доведува до депресија, чувство на изолација, недостаток на сон и зависност. Според официјални податоци, 10 отсто од грчките тинејџери имаат проблеми поради зависност од интернет.

Меѓу мерките е нова веб-страница за родителска контрола со упатства како да се инсталира заштита на прелистувачот на паметните телефони на децата и како да се следи што тие прават.

До април, Грција ќе воведе алатка за верификација на возраст со дневни ограничувања на користење на интернет.

Парламентот на Австралија во ноември одобри закон за забрана на пристап до социјални мрежи за помлади од 16 години, што е една од најстрогите мерки во светот за платформи како што се Икс, ТикТок, Инстаграм и Фејсбук.

Овој закон беше осуден од гигантите на социјалните медиуми и предизвика загриженост и кај други, вклучувајќи ја Фондацијата на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ) во Австралија, која оцени дека законот не е „чудотворно решение“ против опасностите на интернет, туку може да ги пренасочи децата во „скриени и нерегулирани“ простори на мрежата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни