Посетителите на Атина наскоро ќе треба да додадат уште една дестинација на нивната листа што мора да ја посетат: Елиникон, кој, меѓу другото, ќе биде дом на најголемиот крајбрежен парк во Европа, практично удвојувајќи ја количината на зелени површини во Атина.
Листата на места кои треба да се посетат во Грција е полна со монументални знаменитости и антички класици, така што е тешко да се замисли нешто ново во овој бастион на антиквитети, но Елиникон ќе има многу ново да им понуди на посетителите. Покрај крајбрежниот парк од 500 хектари, во план е и изградба на хотел покрај морето, станбена кула од 50 ката, два трговски центри, спортски комплекс, казино и пристаниште дизајнирано да дочекува мега-јахти. Само 25 минути од аеродромот во Атина и само 20 минути од Акропол и центарот на Атина, реинвенцијата на грчкото крајбрежје на Елиникон ветува дека ќе биде трансформативна за ривиерата и за Атина, пишува Форбс.
Визионерот зад овој монументален проект е Одисеас Атанасиу, главен извршен директор во LAMDA Development. Атанасиу и неговиот тим виделе можност во запуштено земјиште во и околу крајбрежјето на градот – земјиште кое некогаш беше дом на веќе нефункционалниот меѓународен аеродром во Атина и исто така место на Олимписките игри во 2004 година. Атанасиу вели: „Ова место порано беше 70% цемент, а наскоро ќе биде 70% зелено. Тоа ќе ја промени целата микроклима на областа. И, бидејќи почнуваме од нула, можеме да изградиме 15-минутен град, каде што ќе можете да бидете секаде каде што треба во рок од 15 минути“.
Приоритет во Елиникон ќе биде одржливоста. Напуштените објекти од Олимписките игри се демонтираат и ќе бидат вградени во новите градби, добивајќи живот како клупи во парковите или во темелите на новите згради. Инвеститорите вложуваат напори да искористат што е можно повеќе од веќе постоечките материјали, наместо да ги преместуваат надвор од регионот и да бидат исфрлени на друго место.
Посетителите на Елиникон ќе имаат многу активности за избор: „Не сакаме само да нудиме шопинг. На пример, во еден од нашите трговски центри, Голден Хол, имаме музеј за Олимписките игри, аквариум и центар за авантура за семејства“. Ќе има и неколку луксузни хотели за избор. Хотелот Mandarin Oriental Athens и луксузните резиденции ќе бидат сместени долж крајбрежјето на Елиникон, а целиот проект се очекува да биде отворен во летото 2027 година. Според сегашните планови, хотелот со 5 ѕвезди ќе нуди 123 соби и апартмани, заедно со 17 луксузни брендирани резиденции, сите со неверојатен поглед на Саронскиот залив и директен пристап до морето. Вториот луксузен хотел, сместен во близина на пристаништето, допрва треба да биде именуван.
Во првичниот дел од проектот е обновата на крајбрежјето, што треба да биде завршена до крајот на 2026 година како и трговскиот центар Ривиера Галерија, кулата Ривиера, двата хотела, казино ресорт, како и спортски комплекс. Паркот, кој ќе биде поголем од лондонскиот Хајд парк и најголемиот крајбрежен парк во Европа, ќе се обликува полека додека старите аеродромски писти ќе се претворат во овоштарници и патеки за пешачење. Во моментов инвеститорите ја градат виталната инфраструктура – како што е тунел за пренасочување на сообраќајот под паркот – за да создадат невидливи, но суштински елементи за секој зелен простор.
Извор: Forbes