Грција испрати воздушна и копнена поддршка за гаснење на пожарот кај Дојран

Грција се приклучи на напорите за гаснење на големиот пожар кај селото Николиќ, во општина Дојран, испраќајќи два противпожарни авиона „канадер“ CL-415, како и две противпожарни возила со осум пожарникари, јавува дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција информираа дека двата авиона полетале од Солун денеска во 18 часот по локално време. Копнените екипи веќе се на терен и активно учествуваат во справувањето со огнената стихија.

Поддршката е резултат на билатерално барање од Центарот за управување со кризи на Северна Македонија до грчкиот координативен центар за операции и управување со кризи. Грчката Влада веднаш позитивно реагирала и ја испратила помошта.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, претходно преку објава на Фејсбук истакна дека ситуацијата е критична и дека е неопходна воздушна интервенција за справување со пожарот.

Пожарот кај селото Николиќ беснее веќе трет ден, а теренските услови го отежнуваат неговото целосно локализирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни