Грција ќе набави 16 француски противбродски ракети „Exocet“

Договор за набавка на 16 француски противбродски ракети „Exocet“ потпишаа Грција и Франција по средбата во Атина на надлежните министри на двете земји Никос Дендиас и Себастиен Лекорну, кои меѓу другото разговарале и за грчко-француската соработка во одбраната и безбедноста, како и за нејзино дополнително зајакнување, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за одбрана на Грција рече дека на средбата го потврдиле „она што се подразбира, дека Грција и Франција се блиски сојузници и пријатели, дека ја делат истата перцепција за случувањата во Европа и поширокиот регион“ и се осврна на билатералниот договор за стратешки национални односи меѓу двете земји од 2021 година, посочувајќи дека „со член два се гарантира суверенитетот и територијалниот интегритет на двата народи, како и нашите заеднички интереси“.

– Грција е секогаш сигурна дека Франција во своите одлуки ќе ја земе предвид безбедноста на Грција и потребата нашата земја да одржи компаративна технолошка предност на одвраќање против силите на ревизионизмот. Грција не се заканува, туку ѝ се закануваат, рече Дендиас и додаде дека Грција е заинтересирана да набави уште една, четврта фрегата Belharra.

Министерот на вооружените сили на Франција рече дека по одлуките на Грција, ќе се разгледа можноста Навал Груп да отвори подружница во Грција.

Лекорну се сретна и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а разговарале за одбранбената соработка меѓу двете земји и перспективите за дополнително зајакнување, а размениле мислења и за зајакнување на европската колективна одбрана и европската стратешка автономија, како и за регионалните и меѓународните случувања.

Како што информираа од кабинетот на Мицотакис, грчкиот премиер истакнал дека соработката на ЕУ со трети земји во областа на одбраната не може да биде спротивна на стратешките интереси на Унијата и европските одлуки за надворешната политика и одбраната, истакнувајќи дека мора да се земат предвид безбедносните интереси на сите земји-членки на ЕУ, согласно одлуките на Европскиот совет. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни