Грчките земјоделци до петок нема да ги блокираат Евзони и Ники

Поради божиќните празници, блокадите на граничните премини кон Македонија се ставени во мирување, но тракторите остануваат на терен

Сообраќајот на граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија) кон Македонија во следните денови ќе се одвива непречено, откако грчките земјоделци одлучија привремено да ги стават во мирување блокадите поради божиќните празници. Одлуката ќе важи најмалку до петок, пренесува грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

На граничниот премин Евзони, земјоделскиот блок со повеќе од 300 трактори беше поставен на 1 декември, при што сообраќајот секојдневно се блокираше на неколку часа. Во почетокот блокадите се спроведуваа и претпладне и попладне, а во последниот период главно во попладневните часови.

Според најавите, во текот на денот тракторите и земјоделските возила што беа поставени на коловозот ќе бидат тргнати и паркирани од двете страни на патот. Со тоа ќе се ослободат сообраќајните ленти и ќе се овозможи непречено движење на товарни возила, туристички автобуси и патнички автомобили.

Иако блокадите се прекинати, земјоделците ќе останат присутни на граничните премини и планираат таму да ги поминат празниците, но без попречување на нормалното одвивање на сообраќајот.

Слична одлука е донесена и за граничниот премин Ники, каде земјоделците исто така најавија дека до петок нема да го блокираат сообраќајот.

Од друга страна, блокадите продолжуваат на граничните премини Промахонас и Ексохи кон Бугарија, но само за товарни возила.

Во однос на протестите низ цела Грција, земјоделците објаснуваат дека нивната цел во пресрет на Божиќ е да им овозможат на граѓаните непречено патување до празничните дестинации, без целосно повлекување на тракторите. Планот е тие да останат паркирани на краевите на автопатите, што, според грчката полиција, претставува потенцијален безбедносен ризик за сообраќајот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни