Грчки остров нуди плата за доселување: 500 евра месечно, бесплатен дом и храна

Антикитера, мал остров меѓу Крит и Пелопонез, бара нови жители за да ја запре депопулацијата – програмата е насочена кон млади семејства и квалификувани работници

Мало грчко острово со бели куќи, тивка лука и интензивно сино море нуди невообичаена можност за нов почеток – финансиски поттик за оние што ќе одлучат да се преселат. Станува збор за Антикитера, остров сместен во Егејското Море, меѓу Крит и Пелопонез, кој со години се соочува со драматично намалување на бројот на жители.

Поради депопулацијата, локалните власти покренаа програма за привлекување нови доселеници. На секој што ќе се одлучи да живее на островот му се нуди 500 евра месечно во период од три години, што вкупно изнесува околу 18.000 евра, како и бесплатно сместување и храна. Програмата е пред сè наменета за млади семејства, занаетчии и лица со конкретни професионални вештини.

Антикитера моментално има околу 45 постојани жители, што ја прави исклучително мала и блиска заедница. Поголемиот дел од населението е над 50 години, а бројот на деца е минимален, што дополнително ја нагласува потребата од нови семејства за да се одржи секојдневниот живот на островот.

Планирано е да се населат најмногу пет семејства, а сите заинтересирани кандидати ќе мора да поминат интервју пред конечно одобрување. Иако на доселениците им се ветуваат новоизградени куќи, тие сè уште не се завршени поради административни одложувања, па програмата засега е во подготвителна фаза.

До Антикитера може да се стигне со траект од Китира или од пристаништето Кисамос на Крит. Во зимските месеци функционира само една мала продавница со основни намирници, но островот има електрична енергија и интернет, што овозможува и современ начин на живот, иако во целосно рурален и мирен амбиент.

Локалните власти се надеваат дека оваа иницијатива ќе го врати животот на островот и ќе спречи негово целосно празнење, претворајќи го финансискиот поттик во долгорочно решение за опстанок на заедницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни