Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис изјави дека секое таргетирање на Кипар претставува закана за цела Европа и автоматски ја активира должноста за солидарност на европските земји.
„Секое таргетирање на Кипар претставува закана за цела Европа и ја активира должноста за солидарност со Кипар. Во ситуација на војна каква што имаме денес, одлуките за заштита и безбедност на грчките граѓани не се прашање за дискусија”, нагласи министерот.
Герапетритис потенцираше дека испраќањето фрегати и борбени авиони на Кипар претставува „историска и братска должност” на Грција и исклучиво одбранбена поддршка. Воедно, ги отфрли турските ставови за демилитаризација на островите во Источниот Егеј, оценувајќи ги како неосновани.
Министерот ги смири грчките граѓани во однос на поморската база Суда, нагласувајќи дека таа не е во непосредна опасност. „Антибалистичкиот и противвоздушниот штит на Грција е поставен и развиен”, изјави тој.
Герапетритис предупреди дека конфликтот на Блискиот Исток веројатно нема бргу да заврши. „Во современата дипломатија речиси исчезна секоја предвидливост. Има многу фронтови, а нападите врз земјите од Заливот се дури почести од нападите врз Израел. Мојата проценка е дека војната тешко ќе заврши за кратко време”, изјави тој.
Министерот го нагласи и недостигот на единствен став во ЕУ, предупредувајќи дека евентуални нарушувања на пловидбата низ Ормускиот Теснец би можеле сериозно да ја погодат светската економија. Грција, додаде тој, не знаела однапред за нападите врз Иран.