Грција воведува строги мерки против оруженото насилство на Крит

По смртоносната престрелка во критско село, владата преку министерот за заштита на граѓаните Михаилис Хрисохоидис најави пакет заострени казни, ревизија на дозволите за оружје и засилено полициско присуство на островот.

По серијата крвави инциденти и последната престрелка во едно критско село, која локалните медиуми ја оценија како можен почеток на нова вендетa, грчката влада објави пакет строги мерки за справување со нелегалното оружје и насилството на островот. Министрот за заштита на граѓаните, Михаилис Хрисохоидис, соопшти дека државата нема повеќе да толерира култура на вооружени одмазди и дека „разбојниците и локалните мафии нема да управуваат со Крит“.

Новата стратегија опфаќа неколку клучни точки: нелегалното поседување или пренос на оружје, вклучувајќи пиштоли и револвери, ќе се третира како тешко кривично дело, а сите кои ќе бидат осудени за прекршување на законот и во рок од десет години повторно сторaт слично дело, ќе добијат задолжителна десетгодишна затворска казна без можност жалбата да го одложи нејзиното извршување. Законот дополнително ги проширува отенaтите околности — употребата на оружје во случаи на кражба на добиток, изнуда или насилство ќе резултира со целосно издржување на казната, без условна слобода.

Обвинителите ќе имаат овластување да преземаат превентивни мерки кога постои ризик по живот или закана кон одредени лица или групи, како што е забрана на контакт или движење. Воедно, владата најави целосна ревизија на сите дозволи за оружје, вклучувајќи и спортските, откако беше откриено дека некои лица ги злоупотребуваат за набавка на големи количества муниција.

Во рамките на акцијата, се воведува и амнестија — лицата кои доброволно ќе ги предадат нелегалните парчиња оружје пред најавените полициски контроли ќе бидат ослободени од кривична одговорност. Дополнително, владата подготвува забрана на традиционалното славеничко пукање на свадби, вашари и други јавни собири, пракса која често завршува со повредени или загинати лица.

Паралелно со законските измени, се засилува и полициското присуство на островот. Единицата за борба против организиран криминал, позната како „грчко ФБИ“, ќе се прошири во Под-директорат со дополнителни ресурси и модерна опрема. Целта, според Хрисохоидис, е јасна: државата повторно да ја воспостави контролата и довербата на граѓаните. „Чашата се прелива. Криминалот нема место на Крит,“ порача министерот, најавувајќи координирани акции против нелегалното оружје, рекетот и мафијашките структури кои делуваат на островот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни