Грчките земјоделци повторно ги блокираат граничните премини: денеска одлука за радикализација на протестите

По повеќе од еден месец протести, земјоделците не покажуваат подготвеност да се повлечат, а сè почесто се најавува можна ескалација на протестите, вклучително и марш со трактори кон Атина.

Грчките земјоделци од денеска повторно започнуваат со блокади на граничните премини со Македонија, по кратката пауза за време на новогодишните празници. Граничниот премин Евзони ќе биде целосно затворен за влез и излез на сите видови возила од 17 до 21 часот по македонско време.

Според грчките медиуми, претставници на земјоделците од цела Грција денеска напладне ќе одржат состанок во Малгара, западно од Солун, на кој ќе се одлучува за идниот тек на протестите поради доцнењата во исплатата на субвенциите од Европската Унија, како и поради низа други нерешени барања.

Се очекува на состанокот да учествуваат претставници од повеќе од 50 земјоделски групи кои организираат блокади на патиштата низ земјата. Ова е трета рунда разговори, 35 дена откако трактори беа поставени на клучни сообраќајници и гранични премини со соседните држави.

По повеќе од еден месец протести, земјоделците не покажуваат подготвеност да се повлечат, а сè почесто се најавува можна ескалација на протестите, вклучително и марш со трактори кон Атина.

Барања на земјоделците

Земјоделците протестираат поради високите трошоци за производство и бараат:

  • гарантирани откупни цени (иако тие би биле спротивни на регулативите на ЕУ),
  • субвенционирана електрична енергија,
  • ослободување од ДДВ,
  • безцарински увоз од земји со кои ЕУ има трговски договори,
  • итно удвојување на пензиите.

Дополнително, тие реагираат и на доцнењата во исплатата на субвенциите, поврзани со скандалот во агенцијата OPEKEPE, и се противат на одлуката на владата, наметната од ЕУ, надлежноста за исплата да се префрли на независниот даночен орган AADE. Земјоделците се противат и на воведувањето дигитален систем за евиденција на производството и пратките.

Политички притисок врз владата

Грчката влада внимателно ги следи случувањата, свесна за можните политички последици. Поддршката за владејачките конзервативци значително опадна во руралните средини, а парламентарните избори се очекуваат во првата половина на 2027 година, или можеби и порано.

Вицепремиерот Костис Хацидакис во петокот објави дека исплатите кон земјоделците во 2025 година достигнале 3,82 милијарди евра, што е за 13% повеќе во однос на 2024 година. Тој призна дека имало доцнења и се извини, наведувајќи дека тие се последица на скандалите со субвенциите.

„По преговорите со Европската комисија, одлучивме за хибриден систем на пријавување во 2025 година и целосно дигитализиран систем од 2026 година“, напиша Хацидакис на социјалните мрежи.

Тој додаде дека е одобрен и еднократен пакет поддршка за производителите на памук и пченица, каде што откупните цени се пониски од производните трошоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни