Грчките земјоделци одбиваат разговори со премиерот

Земјоделците сметаат дека инсистирањето на Владата да се сретне со нив во две групи од по 20 лица е обид за внесување уште поголема поделба

Неизвесно е дали утре, вторник, ќе има средба меѓу грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и делегации на грчки земјоделци кои, поради лошата економска состојба, протестираат од ноември со прекинување на сообраќајот и повремено целосно блокирање на патишта, пристаништа и гранични премини.

Земјоделците треба да одлучат дали ќе одат на средби со премиерот на блокадите дури од попладне, а од 57 блока на „Сегрчкиот комитет“ веќе рекоа дека нема да дојдат.

Земјоделците сметаат дека инсистирањето на Владата да се сретне со нив во две групи од по 20 лица, со учество на претставници од 18 блока што се одвоија од „Сегрчкиот комитет“, претставува обид за внесување уште поголема поделба меѓу нив.

Вицепремиерот на Грција, Костис Хадсидакис, денес изјави дека „е незамисливо некои агросиндикалци да не дојдат на дијалогот“ и посочи дека финансиската помош за земјоделците е ограничена не само од државниот буџет, туку и од буџетот и политиката на ЕУ.

„Од почетокот (на блокадата), владата имаше умерен став, бидејќи има реални проблеми и бидејќи сака да го олесни дијалогот“, рече тој.

Хадсидакис рече дека се предложени две средби со земјоделците бидејќи „некои од нив нема да бидат во иста просторија со другите“, што го објасни алудирајќи на мешањето на партиската политика во протестот и ги повика повторно да размислат за да има дијалог.

„Ни снемуваат маржи… Исплативме 3,8 милијарди долг за помош за 2025 година, целосно или во значителна мера задоволивме 20 од 27 барања“, рече вицепремиерот.

Владиниот претставник за медиумите, Павлос Маринакис, изјави дека „не се планирани дополнителни мерки (помош) покрај веќе најавените“.

Тој како пример го наведе фактот дека Грција е единствената земја од ЕУ каде што селата имаат електрична енергија по ниска и фиксна цена веќе две години, иако електричната енергија станува поскапа за другите граѓани, а 160.000 рурални семејства имаат корист од неа.

„Досега бевме многу толерантни. Целта на владата е да ја смири ситуацијата и да ја врати нормалноста“, а „не го сметам однесувањето на земјоделците за прифатливо, бидејќи тоа создава проблеми за целото општество“, рече претставникот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни