Грчките земјоделци од 30 ноември започнуваат со масовни блокади ширум земјата, револтирани поради неисплатените субвенции и сè повисоките трошоци за производство. Одлуката била донесена денеска на координативен состанок во Лариса, каде земјоделските здруженија од цела Грција договориле протестите да се интензивираат постепено до 5 декември.
Според заклучоците од состанокот, фармерите планираат да блокираат автопати, клучни сообраќајници, а не се исклучуваат ниту гранични премини и пристаништа. Начинот и локациите на блокадите ќе ги утврдат локалните здруженија во секоја област.
Особено активни ќе бидат земјоделците од регионот Тесалија, кои настојуваат да воспостават заедничка блокада на стратешки важниот автопат Атина – Солун.
Фармерите велат дека државата мора итно да ги исплати заостанатите субвенции, но и да го надомести дел од производствените трошоци, кои, според нив, достигнале неподносливо високо ниво. Дополнително, бараат и загарантирани минимални цени за земјоделските производи, со цел да се осигура стабилен и фер пласман.
По состанокот, претставниците на здруженијата ги пренесуваат донесените одлуки во своите општини и региони, по што ќе се дефинира конечната стратегија и степенот на учество во блокадите.
