Грчките земјоделци ја заоструваат блокадата

Земјоделците од северна Грција денеска повторно го затворија граничниот премин Евзони (Богородица), блокирајќи го сообраќајот меѓу двете земји без претходна најава.

Според јавувањето на дописничката од Атина, блокадата започнала нешто по 13 часот по локално време, кога кон веќе паркираните трактори на преминот се придружиле уште околу 100 земјоделски машини од регионот Јаница, дополнително зацврстувајќи го протестниот кордон.

Колку ќе трае затворањето не е познато, земјоделците и оваа недела продолжуваат со праксата блокадите да ги воведуваат спорадично, зависно од одлуките на нивните локални комисии. Вчера преминот беше затворен неколку часа во два наврати, а слични краткотрајни запирања на сообраќајот се очекуваат и во наредните денови.

Протестите се заоструваат и на други клучни точки. Групи земјоделци од северозападна Грција, кои се движеле од правец на Лерин, денеска кратко го блокирале сообраќајот на граничниот премин Ники (Меџитлија). Во меѓувреме, во источниот дел на границата, преминот Промахонас кон Бугарија околу 13 часот по локално време бил затворен и за влез и за излез од Грција. На преминот Кипи кон Турција, тракторите продолжуваат да го ограничуваат движењето на товарните возила.

Блокади има и во внатрешноста на земјата. На автопатот Солун–Атина, кај месноста Никеа во близина на Лариса, се паркирани околу 1.800 трактори и е целосно прекинато сообраќањето. Во регионот на Кардица протестите се уште помасовни, во блокадата учествуваат над 2.000 земјоделски машини. Ограничувања има и на излезот од Солун кон Атина, каде што земјоделците го прекинуваат протокот на возила.

Интересен детаљ забележан на повеќе локации се новогодишните елки поставени меѓу тракторите. Според грчките медиуми, земјоделците со тоа симболично порачаа дека се подготвени да останат на терен и за време на празниците, доколку Владата не излезе со конкретни решенија за нивните барања.

Протестите започнаа во неделата и, како што најавија земјоделските здруженија, треба да се интензивираат до 5 декември. Засега нема најава кога блокадите би можеле да завршат, а сообраќајните ограничувања и понатаму ќе зависат од одлуките што земјоделците секојдневно ги носат на терен.

Извор: Независен

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни