Осомничениот хотелиер и сопственик на бродови, Александрос Ангелопулос, е задржан во притвор во грчкиот град Катерини и е обвинет дека ја предводел криминалната организација која користела рибарски бродови за шверц на големи количини кокаин од Латинска Америка во Европа, пренесува грчкиот неделник „То Вима“.
Ангелопулос е еден од петтемина осомничени, од кои четворица се во притвор, додека едно лице е пуштено на условна слобода.
Грчките обвинители тврдат дека Ангелопулос ја злоупотребувал својата долгогодишна деловна активност во секторот на морскиот риболов за координација на меѓународни пратки со дрога. Според обвинението, тој ја надгледувал логистиката, регрутирал членови на екипажот, подготвувал бродови со специјална навигациска опрема и управувал со перење пари преку рибарски компании.
За време на сведочењето, Ангелопулос ги негирал сите обвиненија, тврдејќи дека бродот на кој бил пронајден кокаинот повеќе не е во негова сопственост. Тој им изјавил на истражителите дека во август 2025 година го пренел сопствеништвото на член на екипажот, кој во меѓувреме бил уапсен од француските власти, што истражителите го отфрлиле.
Истражителите наведуваат дека групата на Ангелопулос била високо организирана и функционирала по модел на меѓународни нарко-картели. Таа, наводно, користела рибарски бродови како „матични“, од кои кокаинот на отворено море бил префрлан на помали чамци, со цел да се намали ризикот од откривање пред испораката во Европа.
Во операцијата „Ипалос“, со која беше откриен ланецот за шверц, учествувале грчки и европски агенции, со поддршка од разузнавачки информации од американските власти.
Бродот бил пресретнат на 14 декември од француската морнарица, која открила повеќе од 130 пакети кокаин, со вкупна тежина меѓу 3,4 и 4,7 тони.
Властите проценуваат дека профитот на организацијата надминува 100 милиони евра, што го прави овој случај еден од најголемите заплени на дрога во Грција во последните неколку години.
Извор: N1info.rs