Грчкиот Врховен суд ќе спроведе истрага за наводите во извештајот за железничката несреќа дека непознато гориво предизвикало огнена топка

Обвинителката од Врховниот суд на Грција наредила итна прелиминарна истрага за извештајот за железничката несреќа кај Темпи на Национална управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), презентиран на крајот на февруари, во однос на делот за можно присуство на непознато гориво што ја создаде огнената топка по судирот на патничкиот и товарниот воз, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што пишуваат грчките медиуми, обвинителката побарала да се истражат околностите под кои ЕОДАСААМ во извештајот за железничката несреќа пред две години, повикувајќи се на придонесот на Универзитетите во Гент и Пиза, доаѓа до заклучок дека „непозната запалива течност од најмалку 2,5 тони, што наводно ја пренесувал товарниот воз и која не била поврзана со моторите на возовите или со нивниот пријавен товар е можна причина за експлозијата и огнената топка по судирот“.

Универзитетите од Гент и Пиза на кои им се припишува конкретниот заклучок, преку нивни претставници демантирале такво нешто, како што објавија медиумите во Грција, додека пак според истите информации, претседателот на ЕОДАСААМ, Христос Пападимитриу, соопштил дека Националната управа ќе го отстрани поглавјето од огнената топка од извештајот.

На 27 февруари, ден пред двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која животот го загубија 57 лица, членовите на Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ) на прес-конференција во Атина го презентираа извештајот од истрагата за причините за несреќата.

Како што тогаш објави МИА, членовите на управата констатирале низа пропусти и недостатоци во грчката железница; уништени податоци и докази на местото на несреќата; можно присуство на непознато гориво што ја создаде огнената топка по судирот на патничкиот и товарниот воз; за пет до седум лица, причината за смртта е пожар итн.

По директниот судир на патничкиот и товарниот воз следеше и експлозија и формирање т.н. огнена топка, а шефот на единицата за истраги на ЕОДАСААМ Костас Капетанидис тогаш посочи дека за пет до седум лица, причината за смртта е оган и „врз основа на набљудувањата не постоеше индикација дека железничкиот материјал го предизвика пожарот и можно е постоење на едно, засега непознато гориво“.

Со идентичен став беше и Барт Аку од европската железница, кој објасни дека она што било пријавено дека го пренесува товарниот воз „не ја оправдува огнената топка“.

– Увидот на местото на несреќата не беше соодветно направен за да можеме да го дефинираме типот на гориво. Направивме симулации, но не можеме да го дефинираме видот. Не постојат индикации дека она што официјално постеше во возот  ја оправдува конкретната огнена топка, објасни тогаш Аку, а за силиконското масло кое наводно се пренесувало во товарниот воз, истакна дека е многу малку веројатно да има основна улога во формирањето на огнената топка.

ЕОДАСААМ е независна организација формирана по железничката несреќа, извештајот на членовите е над 180 страници, а целта според нив не е да се припише одговорност или да се дефинираат виновниците, туку да се подобри железничкиот сообраќај. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни