Со ова членство, МНТ се приклучи кон семејството на најголемите и највлијателни театри во Европа, со отворени врати за копродукции, размена на претстави, уметнички резиденции и нови европски проекти.
Првиот резултат од оваа соработка е уметничката резиденција на грчкиот актер и режисер Емануел Константинидис, кој ќе престојува во Скопје до 15 ноември.
Во рамки на неговиот престој, Константинидис ќе одржи интензивна петдневна перформативна работилница под наслов „Левијатан: студија за суштества и апсурдот“, на која МНТ објавува јавен повик за учество.
Работилницата „Левијатан: студија за суштества и апсурдот“ ги повикува учесниците на длабоко истражување на митот, хаосот и создавањето. Петдневниот процес ги комбинира перформативните алатки со уникатниот уметнички израз на секој учесник, создавајќи колективен експеримент во нови форми на театар и нарација.

Левијатан, моќно митолошко суштество поврзано со хаос, уништување и гнев, во оваа работилница се претвора во метафора за ослободениот гнев – примордијална сила со која мора да се соочиме, да ја претставиме и трансформираме. Преку перформанс, учесниците ќе истражуваат апсурд, чудовишност и непознатото во себе и своите креативни практики. Работилницата отвора прашања како:
– како митот за Левијатан одекнува во современиот живот?
– на кои начини хаосот, уништувањето и гневот се манифестираат во нашето секојдневие?
– што нè прави лути?
Работилницата ќе се одржи во просториите на Македонскиот народен театар во следниот распоред:
- вторник, 21 октомври – од 13 до 17 часот
- среда, 22 октомври – од 13 до 17 часот
- четврток, 23 октомври – од 13 до 17 часот
- петок, 24 октомври – од 13 до 17 часот
- сабота, 25 октомври – од 11 до 15 часот
Пред почетокот, секој учесник ќе добие краток текст за подготовка. Се препорачува носење удобна облека поради интензивното физичко движење.
Добредојдени се актери, танчери, перформери и други уметници кои сакаат да ги прошират своите креативни и изведувачки хоризонти. Нема старосни ограничувања. Од учесниците се очекува целосна посветеност и активна вклученост. Работилницата ќе обезбеди безбедна и инклузивна атмосфера, во дух на меѓусебна почит и уметничка слобода.
За учество, заинтересираните треба да испратат кратка биографија (CV) со фотографија на адресата: leviathanworkshopmnt@gmail.com најдоцна до петок, 17 октомври. Сите пријавени кандидати ќе бидат известени на 18 октомври, а бројот на учесници е ограничен на 15.