Грчкиот остров Парос прогласен за најубав во Европа – а македонски туристи речиси и да нема

Меѓу 15-те најдобри острови во Европа, дури пет се во Грција, а првото место за 2025 година му припадна на Парос.

Познатиот патнички магазин Travel + Leisure организираше гласање за најдобриот остров во Европа, и – како што се очекуваше – повеќето омилени островски дестинации се наоѓаат во сончевиот Медитеран.

Дури пет од нив се во Грција, земја со илјадници острови расфрлани низ Егејското и Јонското Море, вклучително и победникот за оваа година – Парос.

Малото италијанско острово Искија се најде на второто место, а Хвар од Хрватска на третото.

„Трите победници на овогодишната листа носат чувство како да сте на крајот од светот, далеку од типичниот Медитеран, и нудат сосема различни пејзажи и доживувања“, наведува Travel + Leisure.

Интересно е што и Шкотска се појавува на листата со островите Скај и Хебриди, докажувајќи дека плажите облеани со сонце не се единствениот избор за патувања. Еден читател го опишал Скај како „непреоптоварено, прекрасно место за уживање во природата и тишината“.

„На Парос има изненадувања на секој чекор“

Иако Парос речиси секоја година се наоѓа на оваа листа, првото место го освои првпат од 2020 година, а некои читатели дури го опишале како најдобриот остров во светот.

Учесниците во анкетата ги истакнале свежите морски плодови, можностите за шопинг, природната убавина и топлото гостопримство на локалното население. Но, она што го издвојува Парос од другите е разновидноста на содржини и доживувања.

„Имаше многу повеќе за истражување отколку што очекував“, напишал еден читател. „Изненадувања на секој агол.“

И покрај тоа што е достапен со ферибот од Атина и други популарни острови, Парос останува малку познат меѓу македонските туристи, иако го нуди сето она поради што се сака Грција – бели куќички, тиркизно море, миризливи таверни и традиционален шарм.

Листа на 15 најдобри острови во Европа според Travel + Leisure:

  1. Парос, Грција – 96.50 поени
  2. Искија, Италија – 93.25
  3. Хвар и далматинските острови, Хрватска – 91.09
  4. Мадејра, Португалија – 89.93
  5. Маљорка, Шпанија – 89.54
  6. Крит, Грција – 89.49
  7. Милос, Грција – 89.11
  8. Азорски Острови, Португалија – 88.89
  9. Сардинија, Италија – 88.22
  10. Сицилија, Италија – 86.98
  11. Малта – 86.45
  12. Скај и Хебриди, Шкотска – 84.94
  13. Санторини, Грција – 84.67
  14. Корзика, Франција – 84.00
  15. Миконос, Грција – 82.87

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни