Распоредувањето на грчките ракетни системи „Патриот“ во земјата и во странство ѝ даде на Атина поголема безбедносна и дипломатска тежина, во момент кога регионот е под силен притисок од војната на Блискиот Исток и новите тензии околу Ормутскиот Теснец. Според грчки и регионални извори, оваа улога сè повеќе ја позиционира Грција како важна алка во пошироката одбранбена рамка на НАТО.
Првото оперативно потврдено пресретнување на балистички ракети од страна на грчките ракетни системи „Патриот“ распоредени во Саудиска Арабија дополнително ја зголеми довербата во системот што е столб на воздушната одбрана на Грција. Истовремено, тоа ја подигна и нејзината видливост кај сојузниците и партнерите.
Грчките „Патриот“ системи, не покриваат само делови од националната територија, туку и локации од американски интерес како заливот Суда и Карпатос, делови од европска Турција, брегот на Црното Море во Бугарија, како и саудиското пристаниште Јанбу. Токму распоредувањето во Јанбу, во близина на важен нафтовод што го заобиколува Ормутскиот Теснец, ѝ дава на грчката мисија пошироко стратешко значење. Во таа зона, според текстот, се наоѓаат и 120 грчки лица во средина што и натаму се смета за високоризична.
Овие потези се совпаднале и со посетата на американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, кој покажал силен интерес за грчката инфраструктура и регионалната улога на земјата. Според информациите, Витакер им рекол на грчките претставници дека Атина во изминатите недели на блискоисточните непријателства направила сè „на најдобар можен начин“. Тоа е уште еден сигнал дека грчката „Патриот дипломатија“ се чита и како средство за балансирање меѓу американските очекувања и поделбите внатре во Европа.
Дополнително се разговарало за можни поморски операции во Ормутскиот Теснец, кои јавно ги поддржал и американскиот претседател Доналд Трамп, но кои биле оценети како политички тешко изводливи за европските партнери. Грција, пак, оставила отворена можност за идно учество во рамки на проширената мисија на Европската Унија „Аспидес“, која предвидува поширок придонес од земјите-членки.
Во оваа ситуација важно е како Грција ја користи безбедносната инфраструктура за да ја засили својата дипломатска позиција. Во услови кога во регионот повторно се испреплетуваат интересите на САД, Европа, Турција и блискоисточните актери, Атина се обидува да се претстави како сигурен сојузник и стабилна точка на источниот Медитеран.