Грчка Патра опкружена со пожари

Пожар на три километри од градот, паника меѓу жителите

Третиот по големина грчки град Патра е опкружен со пламен. Во градот владее паника, пожарот е само на три километри од градот, пламените јазици достигнуваат 20 метри, болницата и домот за стари лица се евакуирани.

Очајните луѓе бараат итно да се испратат сите достапни авиони, пред да се стемни, бидејќи се плашат дека ќе се случи невидена трагедија.

Градоначалникот на Патра, Костас Пелтидис, апелира да се преземат итни мерки за помош на населението бидејќи, како што вели, не е јасно како на толку голем град и пристаниште им е дозволено да се најдат во безнадежна ситуација, лице в лице со пожар што се приближува кон градот.

Манастирот Свети Никола во Патра гори, куќите на периферијата на градот горат, жителите се повикуваат да ги напуштат своите домови и да се упатат кон центарот на градот.

Луѓето се обидуваат сами да го изгаснат пожарот, но за само неколку минути тој ја зафаќа вегетацијата и куќите со неверојатна свирепост.

Ситуацијата останува драматична на Хиос, каде што е прогласена вонредна состојба, пожари беснеат и на Закинтос, на Превеза…

Населението е очајно бидејќи ветерот не престанува да дува, паѓа ноќ кога повеќе нема да има помош од авиони и хеликоптери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни