Асоцијација „Салвиа“ што е единствената организација во Грција за изгореници и лица со изгореници, нуди помош и поддршка за повредените со изгореници во пожарот во Кочани, кои се хоспитализирани во грчките болници, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку социјалните мрежи информираа дека веднаш штом дознале дека дел од повредените со изгореници ќе бидат транспортирани во Грција, стапиле во контакт со Министерството за здравство, како и со амбасадите на двете земји во Скопје и Атина и „знаејќи колку сериозни повреди се изгорениците и дека може да биде потребен долг период на хоспитализација“, подготвени се да им понудат поддршка на пациентите и нивните роднини за време на нивниот престој во Грција.
– Здружението за изгореници „Салвиа“ стои покрај секоја жртва на изгореници и нивното семејство, истакнаа од организацијата.
Според информациите на МИА, засега никој од повредените не побарал помош, но од Здружението им стојат на располагање, нудејќи како психолошка, така и практична поддршка и помош.
Организацијата постои од 2021 година, а доаѓа по катастрофалниот пожар во 2018 година во Мати, во источниот дел на областа Атина, поширокиот регион на Атина, со 104 загинати и 57 повредени со изгореници.
Оновачите, тогаш како жители на Мати и волонтери кои во периодот 2018-2020 година ги поддржувале повредените со изгореници и сакајќи да остават наследство од искуството што го стекнале ја создале „Салвиа“ што до денес е единственото вакво здружение во Грција.
Како што пишуваат на нивниот официјален сајт, името на организацијата „Салвиа“ е според истоименото растение (на македонски жалфија) кое во Грција го нарекуваат и „оган“, а паралелно името упатува и на „salvare/salvation“ што значи „спасување“ и „спас“.