Експертите зедоа предвид бројни фактори при проучувањето на 24 алтернативи на месната и млечната храна, вклучително и нивното влијание врз здравјето и животната средина, како и цената.
За споредба, тие ја поврзаа преработената храна, како што се плескавиците од зеленчук, замените за месо како што се тофу и темпе и млекото од растително потекло, со пониски климатски придобивки и повисоки трошоци во споредба со непреработената храна, иако, истакнаа, овие намирници се уште се подобри од оние од животинско потекло.
На дното на листата се најде месото одгледано во лабораторија, кое сè уште не се нуди или продава за човечка исхрана насекаде низ светот.
Истражувачите од Оксфорд и Универзитетскиот колеџ во Лондон заклучија дека одлуката да се замени потрошувачката на сите месни или млечни производи во земјите со високи приходи со различни алтернативи на месо или млеко со иста количина на калории може да ја намали прераната смрт за 5 до 6 проценти.
Резултатите од истражувањето беа објавени во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences (PNAS).
„Испитаниците имале најмногу здравствени придобивки кога консумирале грашок наместо месо (6,1 отсто), потоа темпе, грав и соја (5,1 отсто до 5,7 отсто), веге-бургери и тофу (4 до 4,3 отсто) и вегетаријански колбаси и вегетаријанска сланина (3,5 до 3,6 проценти)“, велат тие.
„Помеѓу млечните алтернативи, најголема здравствена придобивка е забележана кај млекото од соја (5,2 отсто), а потоа кај бадемовото млеко.“
Најголем дел од промените, кога станува збор за продолжување на животниот век, се поврзани со зголемен внес на растителни влакна (44 проценти), што е многу добро за здравјето, а во исто време и влијае и на намалување на вредноста на лошиот холестерол и зголемување во количината на здрави масти и минералот калиум во организмот.
Британските научници веруваат дека ако поединецот ги замени сите калории од месо или млечни производи со алтернативи, луѓето ќе бидат повеќе склони да консумираат храна со помалку масти и повеќе влакна, бидејќи телото постепено ќе се навикне на нив.
Кога станува збор за климатските промени, експертите истакнуваат дека сточарскиот сектор е одговорен за поголемиот дел од сите емисии на стакленички гасови поврзани со производството на храна и околу 20 отсто од вкупните емисии на стакленички гасови.
„Без промените во исхраната да станат повеќе растителни, влијанието на системот за храна врз животната средина може да претставува сериозен проблем во напорите да се одржат глобалните температури под 2 Целзиусови степени пред индустриската ера. Нашите наоди сугерираат дека непреработената растителна храна како сојата, грашокот и гравот се најсоодветните замени за месото и млечните производи во земјите со високи приходи и се покажаа како добри насекаде“, заклучија тие.
„За споредба, преработената растителна храна, како што се веге хамбургерите и растителните млека, се поштетни за климата и поскапи од непреработената храна, но сепак нудат значителни еколошки, здравствени и нутритивни придобивки во споредба со храната од животинско потекло.“
Тим британски научници заклучи дека изборот на мешунките во исхраната наместо месото и млекото ќе ја намали „диететската нерамнотежа“ во земјите со високи приходи како Велика Британија за половина, прераната смрт – особено од болести поврзани со исхраната – за една десетина, а трошоците за повеќе од една третина. Намалувањето на производството и потрошувачката на месо и млечни производи во земјите со високи приходи е од клучно значење за ограничување на климатските промени, губењето на биолошката разновидност и на крајот е важно за подобрување на здравјето на луѓето.
Британските научници посочуваат дека, со технологијата што се користи денес, емисиите произведени од лабораториски одгледуваното месо можат да бидат исти како оние што се јавуваат при преработката и производството на говедски хамбургери, дека цената е и до 40.000 пати поголема, а тие се подеднакво лоши за здравјето.