Грантови за лица со попреченост доделува Здружението „И јас сум“ од Неготино, информираа попладнево од оваа невладина организација што се занимава со помош и поддршка за лицата со попреченост.
-Сакаме да им помогнеме на сите лица со попреченост, особено на тие што имаат идеја, талент или сакаат да оживеат некој свој сон. Грантовите ги доделуваме преку програмата „И јас сум херој“, со цел да помогнеме некому со 18 илјади денари, да направи голем чекор напред, соопштија од здружението.

Оттаму им порачаа на лицата со попреченост од било која возраст да бидат гласни, свои, бидејќи тие навистина се херои и нивните приказни заслужуваат да бидат слушнати.
Милица Пауновска, лице задолжено за односи со јавноста при здружението, појасни дека грантовите се наменети за личен и професионален развој и за академски напредок, и како пример посочи објавување книга поезија, напишана од лице со попреченост.