Дали постои тајна на долговечноста и среќата? Според обемна студија на Универзитетот Харвард, која траела повеќе од 85 години, одговорот се крие во седум едноставни секојдневни навики, пренесува Index.hr.
Истражувањето, познато како Grant Study, следело 268 дипломци на Харвард од 1939 до 1944 година, а резултатите откриле клучни практики за исполнет и здрав живот.
„Грантовата студија покажа дека постојат седум навики поради кои луѓето се среќни и во добро здравје во подоцнежните години, наместо да завршат тажни и болни“, се наведува во харвардски курс за среќа.
Престанок со пушење
Добро е познато дека пушењето носи бројни здравствени ризици и може значително да го скрати животниот век. Според Centers for Disease Control and Prevention, оваа навика е поврзана со рак, срцеви заболувања, мозочен удар, хронична опструктивна белодробна болест, дијабетес тип 2 и автоимуни заболувања како ревматоиден артритис. Затоа, избегнувањето или откажувањето од пушење е клучен чекор кон подобро здравје.
Умереност во консумирањето алкохол
Избегнувањето прекумерно пиење позитивно влијае и врз физичкото и врз менталното здравје. Одговорното консумирање или целосната апстиненција носат подобар сон, повеќе енергија и посилен имунолошки систем, а на емоционално ниво, постабилно расположение и подобра концентрација.
Одржување здрава телесна тежина
Здравиот начин на живот, кој вклучува урамнотежена исхрана и редовна физичка активност, е клучен за одржување оптимална телесна тежина. Тоа не само што го штити здравјето, туку и го подобрува квалитетот на животот и чувството на среќа.
Како што уште во 2001 година изјави д-р Џорџ Е. Вајант за Harvard Gazette, „среќното и здраво стареење, наместо тажното и болно, барем делумно е под лична контрола“.
Редовна физичка активност
Секојдневното движење, дури и 30 минути брзо пешачење, може значително да го подобри расположението. Вежбањето го поттикнува лачењето ендорфини, хормоните на среќата. Студија од 2021 година објавена во Frontiers in Psychology покажала дека учесниците по само четири недели редовно вежбање пријавиле повисоко ниво на среќа и задоволство од животот.
Приспособливост и решавање конфликти
„Тоа значи да имате добри практики за решавање конфликти“, се објаснува во харвардскиот курс. Иако несогласувањата се неизбежни, начинот на кој се справуваме со нив силно влијае врз нашето расположение и благосостојба. Здравите стратегии за соочување водат кон подобри односи и поисполнет живот.
Развоен начин на размислување
Ставот со кој му пристапуваме на животот во голема мера ги одредува нашите успеси. Развојниот начин на размислување нè поттикнува постојано да работиме на себе и на личниот развој. „Инвестирајте во образование или во практики на доживотно учење“, се наведува во курсот.
Негување стабилни односи
Едно од најважните откритија на 85-годишната студија е огромното влијание на односите врз здравјето и среќата. Градењето длабоки и поддржувачки врски со партнерот, пријателите и семејството се покажало пресудно.
„Со напорна работа и/или терапија, нашите односи и стилови на соочување можат да се променат на подобро. Успешното стареење можеби не зависи толку од гените, колку од нас самите“, заклучува Вајант.
Извор: N1info.rs