Вечерва, на петтиот и последен ден од 20. „Астерфест“, со почеток во 20:30 ч., во Амфитеатарот во Струмица ќе се прикажат наградените филмови.
Во чест на наградените, синоќа се прикажа и актуелниот долгометражен игран филм „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов, кој одговараше на прашања од публиката, а специјална проекција во чест на Емил Рубен прексиноќа имаше среднометражниот филм „Писмо“ на Васил Христов.
Жирито на 20. „Астерфест“, составено од филмските автори Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов, едногласно ја донесе одлуката за овогодишните филмови кои беа во натпреварувачката селекција.
Гран при за најдобар краток филм доби холандскиот „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам. „Златната потковица“ ја доби македонскиот „Избор“ на Марко Црногорски. „Сребрената потковица“ ја доби полско-францускиот „Сок од портокал“ на Александар Атане. „Бронзената потковица“ ја доби францускиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадун и Софијан Шуеб. Наградата за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев” ја доби хрватскиот „Самотија“ по сценарио на Боби Грубиќ и Миро Гавран. Наградата за најдобар режисер „Ацо Алексов“ ја доби швајцарско-македонскиот „Турбо-нет“ на Надежда Панов. Специјални признанија од жирито добија македонскиот „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и британскиот „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска. Наградата од публиката ја освои британско-полскиот „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер.
Наградите ги примија дел од присутните автори, а во име на филмот „Јас не сум робот“, Гран прито го прими амбасадорката на Холандија во Македонија Н. Е. Узлем Џанел.
Во текот на фестивалските денови, гостите имаа филмска посета на Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса, а во „Јуроп хаус“ се одржа и промоција на новото коло од едицијата филмолошка и уметничка литература, на која зборуваа Зоран Стефановиќ, Мимоза Рајл, Сузана Мицева и Софија Тренчовска.
Пред самиот крај на Фестивалот, режисерот и сценарист Милчо Манчевски, лауреат на престижната награда „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и македонскиот филм, на сетот од снимањето на филмот „Збогум, Копакабано“, ја прими наградата од основачот и директор на „Астерфест“ Горан Тренчовски.
Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ оваа година се одвива под мотото „Филмски крстопати“ и е поддржан од Општина Струмица.