Граѓанските организации бараат нов Закон за природата: „Секое одложување значи директно уназадување и уништување“

Граѓански организации бараат итно донесување нов Закон за природата, предупредувајќи дека одложувањето значи уназадување и трајно уништување на природните богатства во Македонија.

Граѓански организации од целата држава упатија јавно барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за итно иницирање постапка за донесување нов Закон за природата, предупредувајќи дека постојната законска рамка е застарена, нефункционална и неспособна да ја заштити македонската природа од сè поагресивните инфраструктурни и развојни притисоци.

Во писменото обраќање до министерот Изет Меџити Хоџа, организациите наведуваат дека неефикасната заштита на природата одамна станала „воспоставена пракса“, при што природните предели, реките, шумите и биодиверзитетот систематски се жртвуваат во корист на профитот и инвестициите.

„Притисокот од инфраструктурните и другите развојни проекти врз природните предели и вредности е огромен, а прашањето за заштитата на природата досега не било третирано како приоритет во нашата држава. Напротив, природата секогаш била предмет на уништување на сметка на профитот“, се наведува во барањето.

Организациите посочуваат дека граѓаните сè почесто се принудени сами да се спротивставуваат на штетни проекти во својата средина, бидејќи институционалните механизми не функционираат навремено и ефикасно.

„Сведоци сме дека постојните механизми на актуелниот закон не успеваат навремено да ги идентификуваат или спречат штетите врз природата. Ова резултира со ситуации во кои граѓаните се единствената бариера меѓу природата и нејзиното уништување“, предупредуваат тие.

Дополнителен проблем, според иницијативата, е судирот меѓу законските и подзаконските акти, како и расцепканоста на институциите надлежни за заштита на животната средина, што овозможува неконзистентна и селективна примена на законите.

Иако измени на Законот за заштита на природата биле изработени уште во 2018 година, тие никогаш не биле усвоени. Во меѓувреме, европското законодавство значително еволуирало, со нови директиви и практики за управување со природните ресурси, со кои домашната регулатива не е усогласена.

„Следствено на тоа, неопходно е донесување нов Закон за природата, кој согласно европските практики ќе воспостави конзистентен систем на процедури, решенија и мерки што реално ќе ја подобрат состојбата на терен“, се наведува во документот.

Како клучни причини за итно донесување нов закон, организациите ја наведуваат потребата од заштита на реките и езерата, планините и шумите, како и на растителните и животинските видови. Тие потсетуваат дека македонската природа е светско наследство и дека секое одложување значи дополнително уназадување на веќе загрозените екосистеми.

„Нашата природа е светско наследство – нејзината заштита е одговорност кон нас, но и кон идните генерации. Секое одложување на новиот закон придонесува кон понатамошна деградација“, предупредуваат потписниците.

Во барањето детално се наведуваат и клучните проблеми што ја поткопуваат заштитата на природата: застарена законска рамка без јасно дефинирани забрани, политизација на управувањето со националните паркови, недостиг на стручни кадри, отсуство на научно тело за заштита на природата, слаба инспекциска контрола и хроничен недостиг на финансиски средства.

„Во Македонија недостасува стручно и независно тело – Завод за заштита на природата – кое би вршело научна оценка, мониторинг и координација. Истовремено, управителите на заштитените подрачја немаат доволни капацитети и ресурси, а заштитата често останува само на хартија“, се истакнува во документот.

Организациите бараат новиот Закон за природата јасно да забрани деструктивни активности во заштитените подрачја, вклучително и геолошки истражувања, експлоатација на минерални суровини и изградба на хидроелектрани. Тие инсистираат и на професионализација на управувањето, со јасни критериуми за стручност на директорите и засилени овластувања за ренџерските служби.

Посебен акцент се става на потребата од значително зголемување на финансирањето и користење на еколошките такси исклучиво за заштита на природата, како и на усвојување национални акциски планови за заштита на клучните видови како мечката, рисот и волкот.

„Без итна и сеопфатна реформа, ќе продолжи деградацијата и трајното губење на природните ресурси од кои зависиме сите ние“, предупредуваат организациите, додавајќи дека стојат на располагање за консултации и активно учество во изработката на новиот закон.

Барањето е поддржано од повеќе од 15 граѓански организации и иницијативи од целата држава, кои порачуваат дека донесувањето нов Закон за природата мора да стане државен приоритет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни