„Граѓаните сакаат да покажат дека се будни и дека внимателно ја следат ситуацијата, дури и во празниците. Проблемот со „Усје“ мора да се реши веднаш, без понатамошни компромиси“, велат од иницијативата „Стоп за Усје“.
Во рамки на оваа порака, граѓанската иницијатива денеска во 18 часот одржува граѓанска блокада на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје, како реакција на, како што велат, континуираното загадување на воздухот од цементарницата „Усје“.

„Усје фабрика за смрт“ беше парололата под која граѓаните го изразија својот револт кон загадувањето.
Активистите истакнаа дека во последните месеци го истражувале работењето на фабриката и дека се соочуваат со сериозни проблеми кои, според нив, се повторуваат и кај други фабрики на „Титан“ во светот. -Она до што стигнавме како заклучок е дека Титан е интернационална компанија која не првпат има вакви проблеми. Слични случаи се забележани и во Америка и во Египет. Се работи за мафија која наоѓа легални начини да го оправда тоа што го прави. Станува збор за странски капитал и директори кои ги трујат нашите деца“, вели Петар Керамитчиев.

Протестот е најавен како мирен, но решителен, а граѓаните бараат итна дислокација на цементарницата за да се заштити јавното здравје. Иницијативата ја поздрави одлуката на градот Скопје да го откаже огнометот за централната новогодишна прослава поради загадениот воздух и апелира институциите сериозно да се позанимаваат со овој проблем.