„Графичка точка“ во МКЦ: Kреативност, боја и отворено студио

Отворено графичко студио и три дена креативност во МКЦ под името „Графичка точка“ овој викенд му се случија на Скопје. Настанот беше во организација на асоцијација за култура ИКОН, Графичка работилница „Софија“ – Богданци и Младински културен центар и беше отворен за сите посетители, љубители на уметноста..

Од 23 до 25 август, фоајето на МКЦ стана инспиративен и шарен простор поради настанот „Графичка точка“ кој како отворено студио претстави мобилна графичка станица отворена за сите посетители. Убаво е да се види МКЦ, еден од најзначајните скопски простори за култура во својот познат сјај, а уште поубаво кога уметниците се таму и творат. Затоа, не можевме да одминеме, па ја посетивме оваа станица во организација на Асоцијација за култура ИКОН, Графичка работилница „Софија“ – Богданци и Младински културен центар – Скопје.

Виктор Семенпееев, еден од организаторите на „Графичка точка“ ја афирмираше потребата за децентрализирана култура, која корените на овој настан ги носи во Богданци преку графичката работилница „Софија“, која има меѓународен карактер. Таа е отворена преку целата година, а фокусот на своите активности ги има од 23 август до 3 септември. Нивната работа ги вклучува сите класични графички техники, а важен е, за нив креативно – едукативниот дел се одвива под менторство на реномирани графичари, универзитетски професори, од земјата и странство.

Токму во тој едукативен дел, односно соработката со реномирани графичари, на настанот во МКЦ беше присутна Доц. м-р Сања Жигиќ од Академијата за ликовни уметности во Нови Сад: „Ние сме колеги на Академијата за графика со Виктор, почнавме да соработуваме уште од првиот ден. Оваа година, со обзир на ситуацијата пред нас се организиравме, учесниците од првата година да бидат учесници и по осумнаесетти пат. “- вели таа и додава дека „сите на овие простори, во поглед на состојбата со културата во моментов се наоѓаат во незавидни услови“.

Отвореното графичко студио заврши вчера со перформанс на мултимедијалниот уметник Игор Јосифов кој ја запонува својата кариера во Сан Франциско и работи со оган повеќе од 20 години. „Огнот го користам како главен елемент во моето творештво, а со графичката работилница „Софија“ соработуваме некако природно, со години и чест ми е да бидам дел од ова затварање.“ – вели Игор. Јосифов кој во неговите перформанси се фокусира на релацијата меѓу гледачот и публиката, а често работи со огнот како алатка на која најмногу се потпира.

Ова издание на „Графичка точка“ во МКЦ ја истакна потребата децентрализирана култура која низ пресекот со главниот град симболички ги поврззува уметниците од земјава, како низ иницијативите на Асоцијацијата „Икон“, така и на графичката работилница „Софија“ и сите посетители и уметници кои беа вклучени во настанот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни