Трн: Колкав е интересот досега, колку има пријавено и до кога трае пријавувањето?
Данчо: Интересот е навистина голем за Stopanska Triogy Triatlon 2024, како од наши натпреварувачи, така и од натпреварувачи од регионот. Досега имаме преку 250 пријавени, остануваат уште 50 празни места. Иако пријавувањето трае до 10 мај, мислам дека бројката ќе биде пополнета во наредните неколку дена.
Трн: Има ли разлика во самата трка во однос на претходните години?
Данчо: Годинава ќе ја имаме истата патека за натпреварот – ќе се плива во базенот „Борис Трајковски“, ќе се вози велосипед долж бул. Илинден, а ќе се трча околу СЦ „Борис Трајковски“. Се трудиме секоја година да стануваме сè подобри, да увидуваме грешки и да изнаоѓаме решенија, имаме одличен волонтерски состав, којшто е многу важен за трката да биде најдобра што може. Особено сум им благодарен на сите помагатели и спонзори на трката, кои покажуваат доблест да го помогнат спортот во овие тешки времиња. Посебна благодарност до „Стопанска лизинг“ кои и годинава се со нас. Ова се многу сиромашни години за нашиот спорт генерално. Се укина системот за ваучери што на нас помалите и индивидуални спортови многу ни значеше.
Трн: Колку странци очекувате годинава и дали се зголемува меѓународното учество од година во година?
Данчо: Веќе имаме 120 пријавени учесници од странство што претставува рекорд не само кај нас, туку и во целиот регион.
Трн: Кој сè може да се пријави?
Данчо: Може да се пријави буквално секој кој се чувствува способен да заврши една ваква трка. Имаме дечиња од 5-6 години, имаме и возрасни луѓе од над 60 години. Сепак најголем број од нашите учесници си го гледаат овој натпревар како свој личен предизвик и момент за себенадминување.
Трн: Кои категории ги има?
Данчо: • Елит/Сениори (2004 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање • Јуниори (2008-2005): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање • Кадети (2011-2009): 375м пливање, 10км велосипед, 2,5км трчање • Деца 2 (2014-2012): 175м пливање, 4км велосипед, 1км трчање • Деца 1 (2015 и помали): 75м пливање, 2км велосипед, 0.5км трчање • Рекреативци (Age Group), 2001 година и постари: 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање
• Тимски триатлон – екипа од 3 членови во која мора да има барем еден учесник од машки и еден од женски пол (мешани тимови), секој учесник одработува по една дисциплина: 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање.
Трн: Кои се правилата? Дали досега некој сте дисквалификувале и зошто?
Данчо: Нашата трка е во технична организација на нашата Триатлон Федерација и самата трка се одржува по правилата на ITU (Интернационалната Триатлон Организација). Секој сегмент од трката си има свои правила и прописи кои треба да се почитуваат и за чие пречекорување се добиваат казни (пенали), а неретко се случуваат и дисквалификации, најчесто за крајно неспортско однесување.
Трн: И што ако врне?
Данчо: Бидејки триатлонот е трка која се одржува на отворено, дождот е многу чест дел од нашите трки. Така на пример минатата година во текот на целата трка врнеше, но сепак трката се одржа и сè помина во најдобар ред. Ретки се откажувањата на трки или сегменти на трки поради временски непогоди.
Трн: Како вие влеговте во приказната наречена триатлон?
Данчо: Неколку години јас лично се бавев со триатлон на долги дистанци (Ironman), па некако дел од таа моја љубов кон триатлонот сакав да ја споделам и со помалите генерации. А во исто време сакав да направам нешто општествено-одговорно, а со самото тоа и да ја подигнам целата триатлон култура во нашата земја. И лично ми претставува голем персонален триумф што денеска имаме Триатлон трка во Скопје на која има 300 учесници и што денес македонскиот триатлон има нови генерации млади триатлонци подготвени да се носат со своите врсници од цела Европа.