Температурите се неподносливо високи низ цела Европа. Особено погодени се жителите на големите градови поради таканаречениот ефект на „топлотен остров“. Градовите се прилагодуваат, но дали е тоа доволно?
Летото во 2025 година повторно беше обележано со низа последователни топлотни бранови кои зафатија големи делови од Европа.
Никаде ефектите од ова екстремно време не се почувствуваат посилно отколку во урбаните средини. Ова е резултат на ефектот на урбаниот топлотен остров (UHI), кој значително ги зголемува температурите во споредба со околината (руралните предели), засилувајќи ги топлотните бранови, пишува Euronews.
„Ефектот на урбаниот топлотен остров влијае на градовите низ цела Европа, при што температурите се зголемуваат за околу два, три, понекогаш дури и четири степени во споредба со руралните подрачја“, изјави Нилс Суверајнс, климатски експерт од белгискиот институт VITO за Euronews.
Според податоците на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, површинските температури во градовите летно време понекогаш се и до 10–15 степени повисоки од нивната рурална околина.
Овие податоци се особено загрижувачки со оглед на тоа што голем дел од населението е погодено. Скоро 40% од целокупната популација на Европа живее во градови, додека околу 70% живее во урбани средини.
Сериозен здравствен предизвик
Овој феномен претставува сериозен здравствен предизвик за локалните власти во европските градови. Една студија на Националната школа за јавно здравје NOVA од Португалија покажала дека бројот на хоспитализации се зголемил за 18,9% во текот на деновите со топлотни бранови, што дополнително ги оптоварува здравствените системи.
Особено ранливи се постарите лица и малите деца. „Најпогодени се повозрасните со постоечки здравствени проблеми, како што се респираторни или кардиоваскуларни заболувања“, додаде Суверајнс.
Како што феноменот главно се појавува ноќе, луѓето не можат доволно да се оладат додека спијат, што дополнително го влошува здравјето.
Бетонска џунгла
Ефектот на урбаниот топлотен остров е резултат на повеќе фактори: од широката употреба на одредени градежни материјали до големата концентрација на згради и сообраќај.
„Градовите се потопли од околината поради материјалите кои се користат“, вели климатологот Вим Тири (VUB). Тоа се, на пример, асфалт и цемент кои „ја апсорбираат топлината додека сјае сонцето, ја задржуваат и ја ослободуваат ноќе“.
Високите згради и тесните улици дополнително ја влошуваат ситуацијата, бидејќи го задржуваат топлиот воздух и го блокираат природното струење на воздухот кое би помогнало за разладување.
Во многу градови, ова е особено изразено во посиромашните делови, каде урбанизацијата често е непропишана и несоодветна. Лошите услови за живеење, слаба изолација и ограничен пристап до зелени површини го прават овој проблем и социо-економски.
Во побогатите населби, кои обично се наоѓаат блиску до периферијата, има повеќе зеленило. Во Брисел, на пример, постои силна поврзаност помеѓу богатството и пристапот до природа – сиромашните квартови страдаат од недостаток на дрвја и паркови.
Суверајнс посочува дека интензитетот на ефектот е директно поврзан со големината на градот и количината бетон и згради. „Поголемите градови, со повеќе бетон и објекти, се повеќе погодени.“
Исто така, сообраќајот игра важна улога – загадувањето од возила создава слој стакленички гасови над градовите, што ја задржува топлината.
Зелени решенија
Климатологот Вим Тири истакнува дека ефектот на урбаниот топлотен остров ќе се влошува. „Поради климатските промени, температурите растат повеќе од вообичаено – топлите денови во Европа се дури и до 4 степени потопли.“
Градовите можат да преземат низа мерки: создавање коридори за проветрување, зелени кровови и фасади, садење повеќе вегетација, подобра употреба на вода.
„Во суштина, треба повторно да ги редизајнираме градовите за да отстраниме што е можно повеќе бетон“, вели Суверајнс.
Бриселската регија е особено ранлива на топлотни бранови. Разликата во температурата може да биде и до 10 степени во споредба со руралните подрачја.
Градот Брисел обезбедува информации за граѓаните, интерактивни мапи со локации за пиење вода, музеи, фонтани, зелени засенчени простори и слично.
„Структурно работиме на адаптација: садиме дрвја, омекнуваме површини, правиме улици и плоштади попријатни за престој, воведуваме вода и зелено-сини мрежи“, рече Фредерик Селеманс, советник за клима во Град Брисел.
Адаптацијата не е доволна
Но, и двајцата експерти се согласуваат: само адаптацијата не е доволна. „Мора да бидеме реални – ефектот на адаптацијата е ограничен. Можеби локално има ефект, но во соседната улица пак ќе биде топло“, вели Тири.
Нема доволно простор за доволно зеленило во густо населените делови.
Тој додава дека, доколку властите сакаат да го решат проблемот, приоритет мора да биде митигaцијата – намалување на емисиите. Суверајнс се согласува: „Ефектот на урбаниот топлотен остров ќе се влоши со климатските промени. Затоа мора брзо да ги намалиме емисиите.“
Фокусот на Брисел е одржлива реновација на зградите (60% од CO₂ емисиите), планови за одржлив транспорт и енергија. Целта е да се намалат CO₂ емисиите за 55% до 2030 и да се постигне климатска неутралност до 2050 година.
Ако емисиите не се сведат на нула, експертите предупредуваат дека „цунами на горештини“ ќе ги направи градовите непогодни за живеење.
„Веќе гледаме такви градови – особено во Индија и земји блиску до екваторот – каде луѓето едвај можат да живеат и функционираат во градски услови“, заклучува Суверајнс.
Извор euronews