Во мојата постојана растргнатост да го сакам градот — онаков каков што го замислувам (или го паметам), и да го прифатам онаков каков што е денес, постојано се прашувам: Дали нашата тивка присутност може да се спротивстави на сите оние кои создадоа паралени приказни без душа во кои одамна веќе не се препознаваме?

Можеби токму во таа тивка присутност се крие одговорот, во секојдневните животи на оние што останаа, што се враќаат, или што никогаш не заминаа.
Дали сме ние тие лица на Луѓе од градови, секој од нас со своја приказна која се испреплетува со градот. Ние кои со нашето учество или нашата рамнодушност, низ годините ја обликувавме иднината на местото што го нарекуваме дом. Свој град.
Мојата љубовна приказна со градот секогаш била комплексна. Го сакам и кога не го препозавам веќе. Го носам со себе и кога бегам од него…
Го сакам затоа што памети, дури и кога јас заборавам. Секој негов ѕид, улица, плочник носат траги од нечија радост, надеж или болка. Нечија љубов.
Го сакам поради светлата кои се палат секоја вечер и зад кои почнуваат нови приказни. Секое светло како тивок доказ дека некој е дома. Некој готви, некој сонува, некој води љубов, некој чека… Зад секое светло е некој кој живее.
Го сакам градот затоа што како и јас е полн со несовршености. Заради хаосот во него, недовршените проекти…поради моќта да се издигне одново и одново. Поради бетонот што не се предава пред барокот и стиропорот. Поради сета љубов собрана во него.
Го сакам поради муралите на сивите ѕидови, кои упорно сведочат дека уметноста и надежта никогаш целосно не се повлекле.

Го сакам поради сите негови контрасти.
Но најмногу од се, го сакам поради луѓето кои живеат во него. Поради урбаната магија која ја има секоја нова генрација млади луѓе кои го бојат градот со свои бои и звуци. Поради сите оние кои ја наоѓаат убавината во искреноста на брутализмот, во ѕидовите што не се плашат да бидат различни, во зградите што зборуваат гласно, дури и кога се молчи за нивното минато.
Го сакам поради луѓето кои создаваат помеѓу уличките во Дебар Маало, кои пишуваат кратки раскази за боите и мирисите на Скопје…Кои создаваат своја музика и своја поезија. Поради луѓето кои спојуваат генерации со уметност и култура. Со љубов и искреност. Со истрајност.
Поради убавите луѓе кои го обликуваат градот културно, креативно, со својот стил и став. Оние кои го носат градот на себе – не како товар, туку како стил. Луѓе кои ја живеат културата… кои читаат и слушаат. Кои во себе го носат духот на градот.
Скопје денес е еден емоционален простор што чека да биде разбран. Можеби тоа е неговата најголема тајна – што бара да го сакаме и покрај сè. Не заради она што е, туку заради она што може да биде. Заради луѓето кои одбиваат да се предадат и остнуаваат да создаваат убави приказни во градот кој е вечна инспирација и љубов. И знам…сè додека некој некаде го пее рефренот Ние сме силни со вистинска верба — градот не е изгубен.