Граѓанската иницијатива „Кој е следен?“

Градот треба да биде безбеден за сите!

Нам ни треба општество во кое почитта, одговорноста и грижата за заедницата ќе бидат вредности, а не нешто што се исмејува. Време е за вистински промени во образованието, во институциите, во секојдневниот живот!

„Бројноста на вчерашниот протест во Скопје, но и во повеќе градови од Македонија, како и акумулираниот гнев на целокупната јавност е доказ дека на граѓаните им е потребна ургентна и системска промена. Ако не беше доволен најзагадениот воздух во светот, сеприсутен, а невидлив убиец, тука се девијантните појави кои се миленичиња на корумпираниот систем за физички да не догазат на улица. Тоа што се случи не е несреќа, тоа е убиство!“, стои во соопштението на граѓанската иницијатива „Кој е следен?“, по вчерашниот втор протест кој го организираа, по повод трагедијата во која на пешачки премин беше усмртена 22 годишната Фросина Кулакова. Оттаму засега не најавуваат организирање нов протест.

Ситуацијата е сензитивна и поради тоа е неопходно да се пристапи внимателно кон прашањата и проблемите кои беа адресирани во повикот зад овој сенароден граѓански марш. Свесни за потребата од огромни реформи во системот кој буквално секојдневно се покажува како несоодветен, дури и за физичка заштита на нашето здравје и безбедност, од Здружението повикуваат на отворање на широка граѓанска дискусија, од која ќе може да произлезат прецизирани барања кои ќе понудат конкретни, долготрајни, системски решенија.

Во меѓувреме, со јавноста споделја неколку од проблемите кои сметаат дека се клучни. Пред се проблемот со неказнивост на системот и нефунцкионалност на заштитата на децата и младите кои се во судир со законот

„Корупцијата во институциите, според нив, доведе до перманентна неказнивост, при што одговорноста за криминални дела често се избегнува. Оваа состојба не е само резултат на корумпираните елити, туку и на институционалниот систем кој не функционира во служба на граѓаните. Политичката и финансиската моќ создадоа структура која ги става институциите во функција на одбрана на привилегираните, наместо во служба на правдата. Судството, кое би требало да биде темелот на правниот поредок, останува немоќно пред системските злоупотреби“ се вели во реакцијата.

Овој проблем, сметаат тие е особено очигледен во однос на децата во судир со законот. Наместо рана интервенција и соодветна поддршка, тие се оставени на милост и немилост на нефункционалниот систем.

„Без индивидуализирани програми и навремено постапување, тие продолжуваат да извршуваат дела кои можат да имаат трагични последици за општеството. Последниот случај од Партизанска го потврдува тоа – сторителот кој како дете веќе бил во судир со законот, врши ново кривично дело , каде и како помлад полнолетник, а  и покрај изречена воспитно-поправна мерка, со месеци останал на слобода и продолжил со криминални активности, е уште еден показател за колку е нефункционален системот. Ако сакаме безбедно општество, мора да ставиме крај на неказнивоста и да создадеме вистински механизми за превенција, ресоцијализација и заштита – не само на младите, туку и на целото општество“ се вели во реакцијата.

Следен проблем кој го посочуваат, е недоволна безбедност во градовите кои се небезбедни, загадени, хаотични, задушени во корупција и урбанистички хаос, кои повеќе не служат на граѓаните – туку на приватни интереси.

„Градовите мора да бидат по мерка на луѓето, а не на автомобилите и криминалните структури што ги контролираат. Денес, опасно е да се движите низ улиците – пешки, со велосипед, па дури и со автомобил. Опасни се тротоарите, преполни со искршени плочки и препреки. Опасни се јавните простори, нефункционални и запуштени. Опасни се и луѓето што ги среќаваме, бидејќи знаеме дека неказнивоста на насилниците ги охрабрува да продолжат“ сметаат од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“

Тие повикаа на конкретни промени.

„Доста е од импровизации! Време е за одговорност и конкретни промени што ќе ги вратат градовите во рацете на оние што вистински им припаѓаат – граѓаните!“

Глорификација на девијантно однесување, е уште еден проблем кој го посочуваат.

Нашиот систем, велат ги напушти младите. Образованието, кое би требало да биде основата за напредок, е разрушено уште од најраната возраст, создавајќи генерации што растат во морална и социјална криза, сметаат од граѓанската иницијатива.

„Но, проблемот не е само во системот – туку и во културата што ја креираме. Во последниве години, сведоци сме на опасен тренд: глорификација на девијантното однесување. Брзото и ризично возење, уништувањето на јавниот простор, непочитувањето на основните морални вредности – сите овие појави не само што не се осудуваат, туку често се прикажуваат како „кул“. Ова мора да престане. Треба да разбереме дека не е кул да возиш пребрзо. Не е кул да возиш пијан. Не е кул да уништуваш нешто што припаѓа на сите нас! Нам ни треба општество во кое почитта, одговорноста и грижата за заедницата ќе бидат вредности, а не нешто што се исмејува. Време е за вистински промени во образованието, во институциите, во секојдневниот живот!“, децидни се од граѓанската иницијатива.

Лошите навики велат не се кул. Не е кул да се вози пребрзо ниту пак да се вози пијан! Не е кул велат да се уништуваат работи во градот!

„Нашиот град ни припаѓа на сите, и мораме да се грижиме за него и за луѓето околу нас! Сакаме чисти улици без дупки, добро осветлени патеки и безбеден сообраќај. Децата треба да можат да одат до училиште без страв, а сите да се чувствуваат сигурни во градот – без опасни возачи и небезбедни места“ пишува во нивната реакција.

Градот велат, треба да биде безбеден за сите!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни